Имајќи ја предвид моменталната сложеност на македонско-бугарските односи, постои простор за загриженост околу тоа какви наративи ќе произведуваат и споделуваат анти-ЕУ и антизападните субјекти поврзани со Родионов и неговата мисија во Северна Македонија, анализира Ф2Н2
Андреј Родионов, руски пропагандист, промотор на анексијата на Крим и словенското обединување под покровителство на Русија, беше во посета на Северна Македонија, пишува Ф2Н2, независен проект за борба против лажни вести и наративи, на Граѓанската асоцијација МОСТ.
На 6 ноември, пишува во објавата, Андреј Родионов на социјалните мрежи откри дека пристигнал во земјава, откако поминал еден месец во Србија. Во постот тој тврди дека граничната полиција го „задржала“ и му извршила претрес, поради „руското влијание во Македонија“ и, во исто време, апелира до корисниците на социјалните мрежи да ја споделат неговата објава.
Во анализата, Ф2Н2 наведува дека започнувајќи од 2017 година е идентификуван модел на руско влијание преку прокси-медиуми и институции пред или за време на клучните моменти за евроатлантските интеграции на земјата.
Посети во земјава

За мрежата на Родионов во земјава, пак, се наведува дека е разновидна и се состои од ултрадесничарски проруски политички партии, како и здруженија и националисти кои го промовираат движењето “Бојкотирам”, вклучително и помагачи во создавањето на Козачка Армија. Родионов е основач и претседател на руското здружение „Руско-словенско обединување и преродба“ (РУСОВ).
„Започнувајќи од 2017 година, забележана е шема на посети на руски идеолози и активисти во Северна Македонија кои се случуваат пред или за време на клучните периоди во евроатлантските интеграции на земјата. Првите јавно достапни податоци за присуството на Родионов во земјава датираат од март 2017 година. Еден месец подоцна, проруски елементи и националисти насилно влегоа во Собранието на Северна Македонија. За време на 2018 година, тој ја поддржуваше идејата за македонско-руска унија против ЕУ и НАТО. Тој беше во земјата во јуни 2018 година, истиот месец кога беше потпишан Преспанскиот договор, како и за време на референдумот одржан во септември 2018 година. На 12 октомври 2018 година, тој го објави следното: ’Македонски браќа, направивме добра работа неодамна во Македонија во корист на руско-словенското единство‘“,
пишува во анализата на Ф2Н2.
За последната посета, кога влегол на 6 ноември, се забележува дека не се откриваат други детали за неговите тековни активности во Северна Македонија.
Обуки за боречки вештини и локации со тотеми
Анализата на Ф2Н2 потсетува и на неодамнешната објава на „Балкан инсајт“ дека постојат континуирани напори за проширување на руското влијание во регионот, преку создавање на „Балканска козачка армија“, со гранки низ Балканот кои промовираат „боречки вештини“. Во овој контекст, една од активностите на Родионов е организирање и учество во подготвителни кампови за обука за боречки вештини и „духовните традиции на античка Русија“. Тој организирал подготвителен камп во Македонија во 2018 година, кој се одржал на Водно (Скопје), a фотографиите од настанот ги објавил на 30 септември 2018 година, денот кога се одржа референдумот.

„За време на подготвителните кампови учесниците учат како да се борат. Тие учат боречки вештини, како да ракуваат со огнено оружје, вежбаат пукање и други вештини. Боречките вештини и огненото оружје се еден дел од приказната, додека вториот дел е промоцијата на ’духовните традиции на античка Русија‘. Така, локациите за тренинг се ’опремени‘ со тотеми (прикажани на сликите) на кои учесниците им се поклонуваат. Во периодот пред референдумот, како и за време на кампањата, граѓаните на Северна Македонија беа предмет на интензивна и систематски организирана кампања за дезинформирање и руска пропаганда, додека пак движењето ’Бојкотирам‘ спроведе десетици протести на кои ги повикуваше етничките Македонци да го бојкотираат референдумот“,
наведуваат од Ф2Н2.
Родионов и неговото движење, се забележува во анализата, имаат силни врски со здружението „Македонија и Русија (МиР)“ и ултрадесничарската политичка партија „Родина (Татковина)“. Исто така, се наведува и дека во минатото имал тесни врски со партијата „Единствена Македонија“, како и дека одржува тесни врски и со движењето „Бојкотирам“.
„Имајќи го предвид горенаведеното и имајќи ја предвид моменталната сложеност на македонско-бугарските односи, постои простор за загриженост околу тоа какви наративи ќе произведуваат и споделуваат анти-ЕУ и антизападните субјекти поврзани со Родионов и неговата мисија во Северна Македонија“,
пишува во анализата.
Ф2Н2 во објавата пишува и дека здружението на Родионов главно е активно во Украина, каде се бори на страната на руските сепаратисти во Крим, Доњецк и Луганск, понатаму во Белорусија, Полска, Словачка, Бугарија, Србија (каде престојувал пред последното доаѓање во Северна Македонија) и останатиот дел од Балканот.
Целата анализа можете да ја прочитате ТУКА.