Граничниот премин „Евзони“ кон Северна Македонија денеска повторно ќе биде блокиран за сообраќај на сите возила во два периода, и тоа од 12 до 16 часот и попладне од 18 часот па натаму

Грчките земјоделци денеска продолжуваат со протестите и блокадите на граничните премини, откако ја одбија поканата за средба со грчкиот премиер и писмено ги испратија своите барања до Владата.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, граничниот премин „Евзони“ кон Северна Македонија денеска повторно ќе биде блокиран за сообраќај на сите возила во два периода и тоа од 12 до 16 часот и попладне од 18 часот па натаму.
Дополнително, блокада е најавена и на граничниот премин „Ники“ кон нашата земја, но само за товарни возила, во периодот од 19 до 23 часот.
Блокадите, како што пишува АНА-МПА, остануваат и на автопатот Атина – Солун каде има земјоделска механизација и трактори наредени на патот. Сообраќајот на возилата се пренасочува преку обиколните патишта, додека полициските сили се во областа.
Блокадите на „Евзони“ започнаа пред две седмици, на 1 декември, при што околу 300 трактори остануваат паркирани на грчката страна на границата. Блокади за товарни возила се најавени и на премините „Промахонас“ и „Ексохи“ кон Бугарија.
По состанокот одржан во саботата, земјоделците одлучија да не се сретнат со премиерот. Тие ги објавија своите барања, меѓу кои се итна исплата на сите долгови што државата им ги должи, гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат трошоците за производство, надомест на изгубениот приход за 2025 година, намалување на трошоците за производство и запирање на масовните увози на странски земјоделски производи и итно двојно зголемување на земјоделските пензии.
Протестите започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство и ниските откупни цени, како и поради скандалот со европските земјоделски субвенции (ОПЕКЕПЕ), за кој бараат да се утврди политичка и кривична одговорност и да се вратат украдените средства на вистинските корисници.
