Кристалниот микрофон, кој како победнички трофеј им беше доделен на овогодинешните евровизиски победници – Оркестарот Калуш, беше ставен на аукција на Фејсбук, по што е и продаден за 900 000 долари (838 000 евра). Парите од продажбата на трофејот ќе бидат наменети за купување беспилотни летала кои украинската војска ги користи во одбраната против силите на Русија

Оркестарот Калуш – украинскиот бенд кој победи на овогодинешниот „Евросонг“, го продаде победничкиот трофеј за 900 000 долари (838 000 евра) за да собере пари за војната во Украина, јави Би-би-си.
Кристалниот микрофон, како што јави медиумот, бил ставен на аукција на Фејсбук, со цел да се купат дронови за украинската војска, а продажбата се совпаднала со појавувањето на бендот на хуманитарен концерт на берлинската Бранденбуршка порта.
Зборувајќи на концертот, фронтменот на бендот, Олех Псиук, апелираше луѓето да не се навикнуваат на војната, во која според Обединетите нации, загинале најмалку 4 031 цивили, а 4 735 биле повредени, а повеќе од 14 милиони лица раселени.
„Мислам дека секогаш треба да биде на насловните страници, сè додека не дојде мирот“,
рече Псиук од Оркестарот Калуш, чија победа на „Евровизија“ беше навестувана во пресрет на натпреварот.
Украинскиот ТВ-водител, Серхи Притула, објави дека парите собрани од продажбата на трофејот ќе бидат искористени за купување три беспилотни летала ПД-2 од украинско производство.
Беспилотните летала во голема мера се користат од украинските и руските сили и како оружје и како извидувачки авиони.
Претходно, украинските победници на овогодинешниот „Евросонг“ најавија дека започнуваат турнеја низ Европа со цел да соберат пари за војската и добротворните организации во нивната земја.