Европските лидери од коалицијата на волјата денеска ќе одржат конференциски повик пред разговорите на Зеленски со Трамп. Западните сојузници сакаат координиран настап, но официјална покана од Вашингтон сè уште немаат добиено

Европските лидери ќе му се придружат на украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанокот со неговиот колега Доналд Трамп во Белата куќа, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа во објава на нејзиниот профил на платформата Икс напиша дека денеска ќе го пречека Зеленски во Брисел каде заедно ќе учествуваат на состанокот на европските лидери кои се дел од коалицијата на волјата.
This afternoon, I will welcome @ZelenskyyUa in Brussels.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) August 17, 2025
Together, we will participate in the Coalition of Willing VTC.
At the request of President Zelenskyy, I will join the meeting with President Trump and other European leaders in the White House tomorrow.
Европските лидери од коалицијата на волјата денеска ќе одржат конференциски повик пред разговорите на Зеленски со Трамп. Западните сојузници сакаат координиран настап, но официјална покана од Вашингтон сè уште немаат добиено.
Макрон, Мерц и британскиот премиер Кир Стармер заеднички ќе ги предводат денешните разговори.
Британски „Гардијан“, повикувајќи се на информации од федералната влада, пишува дека и германскиот канцелар, Фридрих Мерц, исто така, утре ќе патува во Вашингтон на разговорите Трамп-Зеленски.
„Патувањето ќе послужи како размена на информации со американскиот претседател Доналд Трамп по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска“,
вели портпаролот на канцеларот.
Канцеларот Мерц, се додава, ќе разговара за статусот на мировните напори со шефовите на држави и влади и ќе го нагласи интересот на Германија за брз мировен договор во Украина.
„Разговорите, меѓу другото, ќе бидат насочени кон безбедносните гаранции, територијалните прашања и континуираната поддршка за Украина во нејзината одбрана од руската агресија. Ова вклучува одржување на притисокот од санкциите“,
се додава во информацијата.
И италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, треба да отпатува во Вашингтон утре, објави „Скај њуз“, но сè уште нема официјална потврда.
„Гардијан“ пишува дека од Даунинг стрит велат дека и британскиот премиер Кир Стaрмер ќе им се придружи на претседателот Зеленски и европските лидери на состанокот со претседателот Трамп во Белата куќа во понеделник.
Според „Политико“, со цел да се обезбеди поголемо европско вклучување во преговорите, финскиот претседател Александар Стуб – и можеби генералниот секретар на НАТО Марк Руте – може да го придружат Зеленски на неговото патување во Вашингтон утре.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон виртуелно ќе присуствува на денешниот состанок со коалицијата на волјата пред посетата на претседателот Володимир Зеленски на Вашингтон во понеделник, изјави портпарол од кабинетот на премиерот за Ројтерс.
Сепак, портпаролот вели дека Кристерсон нема да лета за Вашингтон со Зеленски заедно со другите европски лидери во понеделник.
По тричасовната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во воздухопловната база „Елмендорф-Ричардсон“ во близина на Енкориџ, Алјаска, Трамп на прес-конфернција рече дека е постигнат „голем напредок“ , но призна дека не е постигнат договор за прекин на војната на Русија против Украина.
По средбата, во авионот додека се враќал за Вашингтон, Трамп имал телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со лидерите на НАТО.
По овој разговор, Зеленски најави дека во понеделник ќе се сретне со Трамп во Вашингтон, а потврда за средбата стигна и од американскиот претседател.
Европските лидери, вчера, ги поздравија напорите на претседателот Трамп да ги запре убиствата во Украина, да ја прекине агресивната војна на Русија и да постигне праведен и траен мир. Ова беше истакнато во заедничката изјава од повеќе лидери на европски држави и институции по повод средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, што ја објави Европскиот совет.