Лидерите на некои од европските земји и шефот на НАТО, Јенс Столтенберг на панелот за безбедност во Европа за време на состанокот на Светскиот економски форум во Давос утврдија оти зајакнувањето на системот за вооружување во Украина е од клучно значење за време на руската инвазија
Отворајќи ја седницата, шефот на претседателската администрација на Украина, пак, Андриј Јермак преку видеообраќање им порача на државите дека не мора да водат војна, но ги повика да му помогнат на Киев да ја води
Зајакнување на системот за вооружување и вооружувањето на Украина е од клучно значење за време на руската инвазија, договорија денеска лидерите на некои од европските земји и шефот на НАТО, Јенс Столтенберг на панелот за безбедност во Европа за време на состанокот на Светскиот економски форум во Давос.
На панел-дискусијата, холандската министерка за одбрана, Кајса Олонгрен рече дека Европската Унија би можела да ги здружи силите за да обезбеди комплексни системи за оружје што и се потребни на Украина.
Белгискиот премиер, Александар де Кру рече дека е потребна поголема координација при одлучувањето кои системи за оружје и се потребни на Европската Унија како долгорочна безбедносна цел.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, пак, рече дека најдобар начин за поддршка на Украина е да се обезбеди оружје, што сојузниците го прават на високо ниво и повтори дека иако ја поддржува Украина, НАТО нема да биде дел од конфликтот.
Отворајќи ја седницата, шефот на претседателската администрација на Украина, Андриј Јермак, преку видеообраќање им порача на државите дека не мора да водат војна, но ги повика да му помогнат на Киев да ја води.
Тој меѓу другото, предложи формирање меѓународна советодавна работна група која ќе понуди безбедносни гаранции за Украина, вклучително и обезбедување оружје, финансирање на обновата и одбраната, задржување на санкциите кон Русија и пристапување во ЕУ.