Во заедничката изјава на лидерите на Франција, Италија, Германија, Полска, Велика Британија и Европската комисија се додава дека веруваат оти единствениот пристап за успешно завршување на војната бара активна дипломатија, поддршка за Украина, како и поголем притисок врз Русија, додавајќи дека секое дипломатско решение мора да ги заштити безбедносните интереси на Украина и Европа
Европските лидери ги поздравија плановите на американскиот претседател Доналд Трамп да разговара со неговиот руски колега Владимир Путин за прекин на војната во Украина, но повикаа на континуирана поддршка за Киев и притисок врз Москва за постигнување праведен и траен мир.

Заедничката изјава на лидерите на Франција, Италија, Германија, Полска, Велика Британија и Европската комисија, објавена доцна синоќа, уследи откако украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Киев нема на направи никакви територијални отстапки кон Москва за да купи мир.
Европските лидери нагласија дека веруваат оти единствениот пристап за успешно завршување на војната бара активна дипломатија, поддршка за Украина, како и притисок врз Русија, додавајќи дека секое дипломатско решение мора да ги заштити безбедносните интереси на Украина и Европа.
Во соопштението се додава дека лидерите се согласиле за потребата од робусни и веродостојни безбедносни гаранции што ќе ѝ овозможат на Украина ефикасно да го брани својот суверенитет и територијален интегритет.
„Украина има слобода да ја избере својата судбина. Посветени сме на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина. Продолжуваме цврсто да стоиме покрај Украина“,
се вели во соопштението, потпишано и од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Изјавите на европските лидери доаѓаат пред планираната средба на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин што ќе се одржи на 15 август во Алјаска. Трамп изјави дека Киев и Москва се блиску до договор за прекин на огнот, а оти можниот договор веројатно ќе вклучува и размена на територии.
- На 15 август средба Трамп-Путин
- Белата куќа не ја исклучува можноста да го покани Зеленски на Алјаска
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека нема да направи никакви територијални отстапки кон Русија, повторувајќи дека Украина мора да биде вклучена во секое решение за мир.