Двете земји се против одлуката за формирање механизам за следење на усогласеноста со владеењето на правото врз основа на што ќе се распределуваат парите
Шефовите на држави и влади на ЕУ за време на денешната видео-конференција не успеаја да најдат решение со кое ќе отстрани блокадата на нацрт- буџетот на Унијата за 2021-2027 година во износ од 1,07 трилиона евра, поставена од Унгарија и Полска, и планот за економско закрепнување по пандемијата од 750 милијарди евра, изјави вечерва неименуван европски дипломат.
„Расправата за денеска заврши. За жал, видео-конференцијата не е оптимален формат за решавање на прашањето за повеќегодишниот рамковен буџет на ЕУ. Земјите на ЕУ се согласија за основните принципи на буџетскиот план на ЕУ за 2021-2027 година, вклучувајќи го и владеењето на правото. За тоа да стане реалност, меѓутоа, потребна е едногласна одлука од сите земји на ЕУ“,
изјави дипломатот.
Ова значи дека лидерите на ЕУ или ќе мора да одржат посебен самит за да разговараат за предлог- буџетот, или оваа тема ќе стане клучна на планираниот самит на ЕУ на 11-12 декември, што најверојатно ќе се одржи со физичко присуство на лидерите, а не преку Интернет.
Унгарија и Полска го блокираа одобрувањето на новиот буџетски план на ЕУ, во знак на протест против одлуката за формирање механизам за следење на усогласеноста со владеењето на правото во земјите од Унијата во 2021 година, со што буџетските средства ќе се распределуваат врз основа на резултатите од ова набљудување.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера го бранеше ветото, обвинувајќи го Брисел дека сака да ја принуди Унгарија да ја смени својата политика за ограничување на имиграцијата.
На почетокот на ноември, Советот на ЕУ објави дека усогласеноста со владеењето на правото станува, за прв пат, одлучувачки критериум за распределување на буџетските расходи меѓу членовите на заедницата.