Во заедничка изјава тие потенцираа дека иранските власти треба да го заштитат населението и да им ја гарантираат слободата на изразување на своите граѓани

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, премиерот на Германија, Фридрих Мерц, и премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, ги осудија насилството и убиствата на демонстранти во Иран и ги повикаа иранските власти да покажат воздржаност.
„Длабоко сме загрижени од извештаите за насилство извршено од иранските безбедносни сили и силно го осудуваме убивањето демонстранти“,
изјавија тројцата европски лидери.
Во заедничка изјава тие потенцираа дека иранските власти треба да го заштитат населението и да им ја гарантираат слободата на изразување на своите граѓани.
„Иранските власти имаат одговорност да го заштитат своето население и мора да гарантираат слобода на изразување и мирно собирање, без страв од одмазда“,
рекоа Макрон, Стармер и Мерц.
Протестите во Иран започнаа пред две недели поради зголемувањето на цените и влошувањето на животниот стандард, откако вредноста на националната валута падна на рекордно ниско ниво.
До денес, бројот на жртви се искачи на 65, а повеќе од 2 300 лица се уапсени, според новинската агенција Активисти за човекови права.
Иранската државна телевизија објави дека меѓу загинатите има и безбедносни сили.
Врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, и покрај заканите од САД, рече дека доколку продолжат насилните протести, тие ќе одговорат жестоко.
