Министрите за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Саудиска Арабија, Катар, Египет, Јордан, Турција, Индонезија и Пакистан во заедничка изјава рекоа дека го поздравуваат лидерството на Трамп и неговите искрени напори за ставање крај на војната во Газа
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека е „охрабрен од позитивниот одговор на премиерот Нетанјаху“ на предлогот. Тој додаде дека „сите страни мора да го искористат овој момент за да му дадат вистинска шанса на мирот“
Европските и лидерите на земјите од Блискиот Исток го поздравија мировниот план на Соединетите Американски Држави (САД) за Газа, што претседателот Доналд Трамп го претстави на вчерашната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, пренесуваат светските медиуми.

Нетанјаху го прифати мировниот план, а, како што пренесува Би-би-си, американскиот претседател го повика Хамас да го стори истото, предупредувајќи дека во спротивно ќе се соочи со последици.
Инаку, планот, договорен од Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, предвидува итен прекин на воените операции во Газа и му дава рок од 72 часа на Хамас да ги ослободи дваесетте живи израелски заложници, како и останките на уште толку заложници за кои се верува дека се мртви. Израел од своја страна, според планот, во замена треба да ослобoди стотици притворени Палестинци, жители на Газа.
Палестински извор запознаен со преговорите за прекин на огнот, за британскиот национален сервис изјавил дека мировниот план од 20 точки Белата куќа веќе им го доставила на претставниците на Хамас.
Во него, меѓу другото, се бара Хамас да нема никаква улога во управувањето со Газа и остава отворена врата за евентуална палестинска држава.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со Нетанјаху по средбата во Белата куќа, Трамп го нарече планот „историски ден за мирот“.
Сепак, тој додаде дека Израел ќе ја има поддршката на САД во неговите настојувања да ја заврши офанзивата за уништување на Хамас, доколку палестинската милитантна организација не го прифати планот.
Истото го повтори и Нетанјаху, велејќи дека Израел „ќе ја заврши работата“, ако Хамас го отфрли или одбие да го спроведе планот.

Палестинската самоуправа, која управува со Западниот Брег окупиран од Израел, ги нарече напорите на американскиот претседател „искрени и решителни“.
Во соопштение објавено од нејзината новинска агенција ВАФА (WAFA), палестинските власти од Западниот Брег наведоа дека ја обновуваат својата заедничка посветеност да соработуваат со САД и со регионалните држави и партнери за да се стави крај на војната во Газа, да се обезбеди испораката на хуманитарна помош за Појасот и да се ослободат заложниците и затворениците.
Министрите за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Саудиска Арабија, Катар, Египет, Јордан, Турција, Индонезија и Пакистан во заедничка изјава рекоа дека го поздравуваат лидерството на Трамп и неговите искрени напори за ставање крај на војната во Газа.
Шефовите на дипломатиите велат дека нивните земји се подготвени да се ангажираат со САД за финализирање и спроведување на договорот, за кој рекоа дека треба да доведе до „решение за две држави, според кое Газа е целосно интегрирана со Западниот Брег во палестинска држава“.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека е „охрабрен од позитивниот одговор на премиерот Нетанјаху“ на предлогот. Тој додаде дека „сите страни мора да го искористат овој момент за да му дадат вистинска шанса на мирот“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во објава на социјалната платформа Икс напиша дека ја поздравува ја посветеноста на претседателот Доналд Трамп за ставање крај на војната во Газа и дека ги охрабрува сите страни веднаш да ја искористат оваа можност.
Европската Унија, како што додава Фон дер Лајенм, е подготвена да придонесе во процесот.
„Непријателствата треба да завршат со обезбедување итна хуманитарна помош за населението во Газа и со итно ослободување на сите заложници. Решението со две држави останува единствениот одржлив пат кон праведен и траен мир на Блискиот Исток, каде што израелскиот и палестинскиот народ ќе живеат еден до друг, во мир и безбедност, без насилство и тероризам“,
напиша претседателката на ЕК.
Welcome President @realDonaldTrump’s commitment to end the war in Gaza. Encourage all parties to now seize this opportunity.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) September 30, 2025
The EU stands ready to contribute.
Hostilities should end with provision of immediate humanitarian relief to the population in Gaza and with all…
Предлогот, доколку се почитува, би започнал со моментален прекин на воените операции. Исто така, се вели дека постојните „борбени линии“ би биле замрзнати додека не се исполнат услови за постепено повлекување. Хамас би го положил оружјето, а неговите тунели и капацитети за производство на оружје би биле уништени.
За посмртните останки на секој израелски заложник што ќе ги предаде Хамас, Израел треба да ги предаде останките на 15 мртви жители на Газа, кои починале во израелските затвори.
Планот, исто така, предвидува по согласувањето со предлогот од двете страни, да почне и испораката на целосна хуманитарна за Појасот Газа.
САД, исто така, го претставија и својот план за идното управување со Газа.
Според планот, „технократски, аполитичен палестински комитет“ привремено ќе управува со Појасот, кој ќе биде под надзор на ново меѓународно транзициско тело, наречено Одбор за мир, на чие чело ќе биде американскиот претседател.
Поранешниот британски премиер Тони Блер ќе биде дел од управното тело заедно со други лидери, чии имиња треба дополнително да бидат објавени. Блер го оцени планот како смел и интелигентен.

Актуелниот премиер на Велика Британија, Кир Стармер, исто така го поздрави планот, велејќи дека ги повикува сите страни да се здружат и да соработуваат со американската администрација за да го финализираат и остварат овој договор.
„Хамас сега треба да се согласи со планот и да стави крај на мизеријата, со положување на оружјето и ослободување на сите преостанати заложници“,
рече Стармер.
Во врска со предложениот план се огласи и францускиот претседател, Емануел Макрон, кој рече дека неговата земја е подготвена да придонесе во напорите за ставање крај на војната и ослободување на заложниците.
„Овие елементи мора да го отворат патот за длабински дискусии со сите релевантни партнери за изградба на траен мир во регионот, врз основа на решението за две држави“,
рече Макрон.
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, изјави дека предлогот „може да претставува пресвртница во овој процес“. Италија, додаде таа, ги повикува сите страни да ја искористат оваа можност и да го прифатат планот.
Инаку, голем дел од предлогот за мировно решение е фокусиран на она што САД го нарекуваат „план за економски развој“ и обнова на Газа. Исто така, се вели дека „Израел нема да ја окупира или анектира Газа“ и нејзините сили ќе се повлечат од територијата во неколку фази.
Палестинците нема да бидат принудени да ја напуштат Газа, што, според светските медиуми, е своевидна отстапување од претходните изјави на американскиот претседател.
„Ќе ги охрабриме луѓето да останат и ќе им понудиме можност да изградат подобра Газа“, се наведува во документот,
објави Би-би-си.
Претходно, висок функционер на Хамас за сервисот изјавил дека групата останува отворена за проучување на секој предлог што би можел да ја заврши војната во Газа, но нагласил дека секој договор мора да ги заштити палестинските интереси, да обезбеди целосно повлекување на Израел од Газа и да ја заврши војната.
Прашан за оружјето на групата, функционерот рекол дека „оружјето на отпорот е црвена линија сè додека продолжува окупацијата“.
„Прашањето за оружјето може да се дискутира само во рамките на политичко решение што гарантира воспоставување независна палестинска држава во границите од 1967 година“,
навел тој.
Објавувањето на планот доаѓа само неколку дена откако Нетанјаху жестоко го нападна признавањето на палестинската држава од страна на повеќе западни земји во неговиот говор на Генералното собрание на Обединетите нации.
Нетанјаху ги оцени потезите за признавање на палестинска држава како срамни, наведувајќи дека со нив се испраќа порака дека „убивањето Евреи се исплати“.
Иако Трамп цврсто го поддржува Нетанјаху откако се врати во Белата куќа, тој станува сè повеќе фрустриран од потезите на Израел во последните недели.
Трамп изрази вознемиреност од неодамнешниот напад на Израел врз членовите на Хамас во Катар, земја што е еден од клучните сојузници на САД во регионот.
Нетанјаху пред вчерашната прес-конференцијата од Белата куќа го повика премиерот на Катар, Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим ал-Тани за да му го изрази своето длабоко жалење што во ракетниот напад на Израел ненамерно бил убиен еден катарски војник.

Израелската војска започна кампања во Газа како одговор на нападот предводен од Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1 200 луѓе, а 251 други беа земени како заложници.
Според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, од почетокот на војната најмалку 66 055 луѓе се убиени во израелските напади во Појасот.
Тело поддржано од Обединетите нации неодамна потврди дека во градот Газа владее глад и претходно месецов истражна комисија на ОН објави извештај, според кој, Израел извршил геноцид во Газа.