Додадено е дека приближувањето на врвот на летната сезона „кога воздушниот сообраќај го овозможува целиот туристички екосистем од кој зависат многу економии на ЕУ“ ги интензивирало овие загрижености

Европските аеродроми ќе се соочат со „системски“ недостиг на гориво за авиони доколку Ормускиот Теснец не биде целосно отворен во рок од три недели, предупреди организацијата „АЦИ Европа“ (ACI Europe), пренесува „Фајненшл тајмс“.
„АЦИ Европа“, која ги претставува аеродромите на ЕУ, изјави дека резервите на гориво за авиони се намалуваат, додека „влијанието на воената активност врз побарувачката“ дополнително ги оптоварува залихите.
Во писмо до кое увид имал „Фајненшл тајмс“, организацијата го предупредила комесарот за транспорт на ЕУ, Апостолос Цицикостас, за „зголемената загриженост на аеродромската индустрија во врска со достапноста на гориво за авиони, како и за потребата од проактивно следење и дејствување на ЕУ“.
„Доколку преминот низ Ормускиот Теснец во следните три недели не продолжи на стабилен начин, системскиот недостиг на гориво за авиони ќе стане реалност за ЕУ“,
се вели во писмото.
Додадено е дека приближувањето на врвот на летната сезона „кога воздушниот сообраќај го овозможува целиот туристички екосистем од кој зависат многу економии на ЕУ“ ги интензивирало овие загрижености.
Некои азиски земји, како што се додававо написот, почнале со рационализирање на горивото за авиони поради недостиг, но Европа досега немала широко распространет недостиг, иако цените на горивата се удвоија, а авиокомпаниите предупредија за откажувања.
И покрај најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за двонеделен прекин на огнот во војната со Иран, глобалните цени на нафтата останаа високи.
Европските авиокомпании велат дека би требало да имаат доволно гориво за неколку недели, но добавувачите не се во можност да гарантираат испораки во мај.
Во своето писмо, „АЦИ Европа“ повика на следење на снабдувањето низ цела ЕУ за да ѝ помогне на индустријата да го координира својот одговор.
„Засега нема мапирање/проценка и следење на производството и достапноста на гориво за авиони низ цела ЕУ. Кризата во снабдувањето сериозно би ги нарушила операциите на аеродромите и воздушната поврзаност, со ризик од сурови економски последици за погодените заедници и за Европа во случај на системски недостиг на гориво за авиони“,
се вели во писмото.
