Тужбата ја поднесоа „Њујорк тајмс“ и новинарката Матина Стивис-Гриднеф, со која ја обвинуваат Комисијата дека ги прекршила правилата за транспарентност откако одби да ги предаде пораките по поднесеното барање

Европскиот суд денеска ќе донесе одлука дали Европската комисија била во право кога одби да ги објави текстуалните пораки меѓу претседателката Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на производителот на вакцини „Фајзер“, Алберт Бурл.
Тужбата ја поднесоа „Њујорк тајмс“ и новинарката Матина Стивис-Гриднеф, со која ја обвинуваат Комисијата дека ги прекршила правилата за транспарентност откако одби да ги предаде пораките по поднесеното барање.
Според „Њујорк тајмс“, личниот контакт меѓу Фон дер Лајен и Бурл бил клучен за постигнување договор од милијарди евра за набавка на вакцини против ковид-19 на врвот на пандемијата.
Во пролетта 2021 година Комисијата, во име на 27. земји членки на ЕУ, склучи договор за 1,8 милијарди дози вакцини во вредност од 35 милијарди евра.
Тужителите побараа пристап до сите пораки разменети меѓу Фон дер Лајен и Бурл во периодот од 1 јануари 2021 до 11 мај 2022 година, но барањето беше одбиено со образложение дека такви документи не постојат.
Европското јавно обвинителство, исто така, истражува како биле купувани вакцините против коронавирусот во ЕУ.