Парламентот, кој заседава во Стразбур оваа недела, сè уште треба формално да ја потврди одлуката, но не се очекуваат изненадувања поради усогласеноста на политичките групи
Европскиот парламент одлучи да ја суспендира ратификацијата на трговскиот договор меѓу Европската Унија и САД до понатамошно известување откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со царини за европските земји што ја поддржаа Данска во врска со прашањето за Гренланд, потврдија претставниците на законодавното тело на ЕУ.

Дека одлуката за замрзнување на договорот меѓу САД и ЕУ склучен минатата година е договорена од мнозинството политички групи во Европскиот парламент објави лидерката на групата на социјалисти и демократи (S&D) Ираче Гарсија Перез.
Европската народна партија (ЕПП), најголемата политичка група во Европскиот парламент, исто така го потврди договорот за суспензија на ратифиакцијата на трговскиот договор.
Парламентот, кој заседава во Стразбур оваа недела, сè уште треба формално да ја потврди одлуката, но не се очекуваат изненадувања поради усогласеноста на политичките групи
Договорот, именуван по Тарнбери, шкотскиот град каде што беше склучен и каде што Трамп поседува голф терен, беше склучен минатото лето и предвидува царина од 15 проценти за европскиот извоз во САД и укинување на царините за американскиот увоз во ЕУ.
Спречувањето на пристапот на американските компании до европскиот пазар без царини е „многу моќна алатка“, изјави лидерот на ЕПП, Манфред Вебер.
Со него се согласи и лидерката на групата на либералите „Обнови“ (Renew), Валери Хајер, која исто така рече дека станува збор за исклучително моќна алатка.
„Не верувам дека компаниите се подготвени да се откажат од европскиот пазар“,
додаде таа.
Групата на Европските конзервативци и реформисти (EЦР) се спротивстави на суспендирањето на договорот, а нејзиниот копретседтел Никола Прокачини, рече оти тие веруваат дека ваквиот потег би бил грешка.
Од друга страна, групата Патриоти за Европа, со која претседава Џордан Бардела, член на Националниот собир на Марин Ле Пен, е за суспендирање на договорот.
Одлуката на Европскиот парламент ќе го спречи ратификувањето и спроведувањето на договорот, но политичките групи остануваат поделени околу потенцијалните дополнителни одговори на заканите на Трамп, како што се дополнителните царини, пренесува Франс прес.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата најави дека Соединетите Американски Држави ќе воведат царини од 10 проценти за осум европски земји кои се спротивставуваат на неговата намера за преземање на контролата врз Гренланд. Во објава на социјалната мрежа Трут соушл, тој соопшти дека мерката стапува во сила од 1 февруари.
Царините ќе се зголемат на 25 проценти од 1 јуни и ќе продолжат да важат сѐ додека не се постигне договор за Гренланд.
