За усвојување на амандманот 21, со кој беа избришани референциите, гласаа 458 европратеници, 109 беа „против“, а 118 гласаа „воздржано“
Со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“, Европскиот парламент денеска го усвои извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за напредокот на С Македонија за 2023 и 2024 година.

Сепак, во изгласаната конечна верзија на текстот беа отстранети референциите за македонски јазик и идентитет, што претходно претходно беа вклучени во нацрт извештајот на Вајц и беа усвоени од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 24 јуни.
Референциите за македонскиот јазик и идентитет беа отстранети откако со мнозинство гласови беше усвоен амандманот што заеднички го поднесоа европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група Да ја обновиме Европа.
Со 458 гласа „за“, 109 „против“ и 118 „воздржани“ беше усвоен амандманот на тројцата европратеници за бришење на текстот „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет“ во членот 3 од Извештајот. Со 453 гласа „за“, 120 „против“ и 109 „воздржани“ беше прифатен предлогот за бришење на воведниот дел од членот 7 која гласи: „Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството и уставниот поредок на нацијата, но и од европските вредности, забележува дека европските институции, во извештаите за земјите и официјалните документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор…“.
Со 470 гласа „за“, 86 „против“ и 130 „воздржани“ беше одобрен и амандманот со кој се брише точката Л која требаше да гласи: „Со оглед дека ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“.
Со 562 гласа „за“, 62 „против“ и 60 „воздржани“ беше усвоен и амандманот на грчкиот европратеник Константинос Арванитис со кој во членот 68 по зборовите „железничкиот коридор 8„ се додава „и 10“. Со 541 глас „за“, 97 „против“ и 82 „воздржани“ беше прифатен и амандманот на истиот европратеник со кој во членот 76 по зборовите „изградбата на Коридорот 8“ се додава „и Коридорот 10“.
Европратениците го прифатија и амандманот на словенечкиот европратеник Матеј Тонин со кој во членот 56 зборовите „улогите на Унгарија и Србија“ се менуваат со „улогите на унгарската Влада и на српската Влада“, додека зборовите „кредитот од Унгарија“ се заменува со „кредитот од унгарската банка Ексимбанк“.
На денешната пленарна седница на Европскиот парламент на дневен ред беше само гласањето за извештајот на европратеникот Томас Вајц, кој воедно е и известувач за земјава во Европскиот парламент, откако синоќа заврши дебата по предлог-текстот.

Во текот на дебатата за збор се јавија повеќе бугарски европратеници, меѓу кои и Андреј Ковачев. Тој рече дека додека граѓаните на Северна Македонија, кои ги нарече страдални, ја чекаат својата заслужена европска иднина повеќе од 20 години, политичарите во Скопје систематски го саботираат процесот на евроинтеграција на земјата.
Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев, пак, во обраќањето пред Европскиот парламент рече дека лично верува оти патот на земјава е кон Европската Унија додавајќи дека за повторно „да бидеме заедно“, властите во Северна Македонија мора да ги напуштат своите господари од Белград, од Будимпешта, и да ги бранат човековите права, особено на страдалната бугарска заедница, како и да се придржуваат кон обврските што сме ги презеле, алудирајќи на внесувањето на Бугарите во Уставот на земјава.
Валчев им се обрати и на македонските граѓани со пораката дека премиерот Христијан Мицкоски ги лаже и дека почитувањето на договорот од 2017 година со Бугарија и впишувањето на Бугарите во Уставот нема да го загрози македонскиот идентитет.
На вчерашната дебата се обрати Вајц, кој порача дека иако Македонија е 20 години на европскиот пристапен пат и има имплементирано значаен дел од европското законодавство досега сè уште формално ги нема започнато преговорите за членство, иако требало.
За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, а за да го признаете тоа, вам ви треба чесност, интегритет и храброст. Ова беше пораката која европратеничката Ирена Јовева од Словенија на македонски јазик ја упати до бугарските европратеници на крајот од своето обраќање во Европскиот парламент на вчерашната дебата.
Европратеничката Јовева, која има македонско потекло, во обраќањето пред европските пратеници рече дека нема да поддржи никакви измени кои подразбираат бришење на македонскиот јазик и идентитет од извештајот. Во оваа смисла додаде дека македонскиот јазик е автентичен, а обидите за негово потиснување – модерна фикција.