Еден ден пред гласањето за извештајот, во Европскиот парламент се одржа дебата на која присуствуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која рече дека ЕУ нема да дозволи пристапување на земји кои би можеле тајно да ги поткопаат нејзините вредности или институции
Пратениците во Европскиот парламент денеска ја усвоија стратегијата за проширување на Европската Унија (ЕУ), во која се оценува дека проширувањето е стратегиски одговор на променливата геополитичка реалност и витална инвестиција во безбедноста и стабилноста на Унијата.

Според усвоениот документ, цената на непроширувањето би ја надминала цената на приклучувањето кон ЕУ, што би ризикувало создавање геополитички сиви зони подложни на антагонистичко странско влијание.
За извештајот, како што пренесе Радио Слободна Европа (РСЕ), гласале 385 европски пратеници, 147 се изјасниле „против“, додека 98 биле воздржани.
Авторот на нацрт-документот, пратеникот Петрас Ауштревичиус, оцени дека во услови на предизвиците на денешницата мора да дојде до подобрување на моделот на интеграција во ЕУ за подобро да се одразуваат интересите на Унијата и очекувањата на земјите кандидати.
„Проширувањето на ЕУ мора да оди рака под рака со внатрешните реформи со цел да се заштити функционирањето на ЕУ и да се подобрат процесите на донесување одлуки, вклучително и поголема употреба на гласање со квалификувано мнозинство. ЕУ мора да ги заврши овие реформи до моментот кога кандидатите што водат на патот кон ЕУ ќе ги исполнат критериумите за членство и ќе бидат подготвени да се приклучат на Унијата “,
рече Ауштревичиус.
Во усвоениот документ се наведува дека Црна Гора и Албанија веќе поставиле амбициозни цели за завршување на преговорите за пристапување до крајот на 2026, односно 2027 година, а се истакнува и дека ЕУ би требало да ги охрабри овие земји кога нивните амбиции ќе бидат придружени со опипливи реформи. Во овој контекст, се повикува Советот на ЕУ да го признае овој моментум и да ги отстрани сите препреки кои постојат на страна на Унијата. Преку овој извештај се повикува и на што побрзо отворање на преговарачките кластери со Украина и Молдавија.
Документот нагласува дека членството во ЕУ мора да остане засновано на заслуги, а процесот реверзибилен. Ниту една земја, се вели во документот, не треба да се третира како дел од пакетот. Европските пратеници преку усвоениот извештај порачуваат и дека не може да има скратени патишта во однос на вредностите и фундаменталните принципи на ЕУ.
„Владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите, правата на малцинствата, независноста на судството и борбата против корупцијата мора да останат на врвот во процесот на проширување, со континуирана поддршка на граѓанското општество“,
се наведува во документот, пишува РСЕ.
Исто така, се нагласува потребата од усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што се оценува како клучен индикатор за геостратегискта ориентација на земјата кандидат.
Членовите на Европскиот парламент забележуваат дека најзагрижувачкото демократско назадување се случува во земјите од проширувањето со најниска усогласеност со заедничката европска политика на санкции, како и во оние земји каде што процесот на пристапување е ефикасно заглавен.
Еден ден пред гласањето за извештајот, во Европскиот парламент се одржа дебата на која присуствуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која рече дека ЕУ нема да дозволи пристапување на земји кои би можеле тајно да ги поткопаат нејзините вредности или институции.
„Нема тројански коњи. Земјите што би нè поткопале однатре не можат да станат членки на ЕУ. Мора да бидеме апсолутно сигурни во тоа. Земјите што ќе се приклучат кон ЕУ мора да бидат силни и отпорни демократии способни да му се спротивстават на токсичното влијание на Русија и други земји“,
изјави вчера Марта Кос во Европскиот парламент.
