Гласањето во Европскиот парламент го доближува предлогот еден чекор поблиску до конечното усвојување. Следниот чекор се преговорите меѓу европратениците и земјите членки за конечниот текст на законот
Пратениците во Европскиот парламент дадоа зелено светло за контроверзните предлози за депортирање на одбиените баратели на азил во таканаречените „центри за враќање“ надвор од Европската Унија. Во услови на растечки притисок за заострување на правилата за имиграција, предлогот беше поддржан од 389 пратеници, а 206 беа против.

Реформите го отвораат патот за воспоставување центри за мигранти надвор од границите на блокот за сместување на оние кои не го остваруваат правото на азил. Според предлозите, мигрантите кои одбиваат да бидат префрлени во центрите за враќање ќе се соочат со строги казни, вклучително и притвор и забрани за влез.
Поддршка и критика на предлогот
Предлозите, според новинската агенција АФП, ги предводи мала група земји од ЕУ, вклучувајќи ги Данска, Австрија, Грција, Германија и Холандија. Од друга страна, земји како Франција и Шпанија изразија сомнежи за ефикасноста на таквата стратегија. Организациите за човекови права предупредуваат на опасноста барателите на азил да исчезнат во „легални црни дупки“.
„Тие ќе бидат сместени надвор од територијата на ЕУ, каде што политичарите не можат да гарантираат дека нивните права ќе бидат почитувани“,
рече Марта Веландер од Меѓународниот комитет за спасување.
Слични шеми веќе се соочија со правни пречки. Планот на Обединетото Кралство за депортирање на мигранти без документи во Руанда на крајот беше отфрлен по низа судски оспорувања, додека планот на Италија за обработка на барањата за азил во Албанија сè уште не стапил во сила поради правни оспорувања.
Контроверзен договор со крајната десница
Контроверзноста околу предложениот закон не е само за неговата содржина, туку и за политичките преговори што му претходеа.
Според медиумските извештаи, текстот на нацртот е договорен по преговорите спроведени преку апликацијата Вацап и личните состаноци меѓу партиите од десниот центар на Европската народна партија (ЕПП), вклучувајќи ги германските конзервативци ЦДУ и баварската ЦСУ, и крајнодесничарските партии на групата Европа на суверени нации (ЕСН), како што е Алтернатива за Германија (АфД).
Ерик Маркварт, член на германските зелени во Европскиот парламент, тврди дека нацртот содржи 38 формулации предложени од групата ЕСН. Маркварт предупреди на опасноста „политиката за депортација на ЕУ да стане зависна од партија [АфД] што многумина ја етикетираа како крајнодесничарска поради нејзините фантазии за ремиграција“.
Гласањето во Европскиот парламент го доближува предлогот еден чекор поблиску до конечното усвојување. Следниот чекор се преговорите меѓу европратениците и земјите членки за конечниот текст на законот.
