Обвини за недостаток на транспарентност во постапката за донесување на предлог-законот за правична застапеност во Владата бидејќи, и по неговото донесување од страна на извршната власт и најавите дека е испратен до Венецијанската комисија, никаде не е објавен за увид на граѓаните
„Европскиот фронт“ нема да го поддржи законот за правична застапеност бидејќи со законот се регулира само злоупотребата што му се правеше на „балансерот“, рече на денешната прес-конференција лидерот на Алијанса за Албанците (АА), дел од оваа коалиција и пратеник, Зијадин Села.

Обвини за недостиг на транспарентност во постапката за донесување на предлог-законот за правична застапеност во Владата бидејќи, и по неговото донесување од страна на извршната власт и најавите дека е испратен до Венецијанската комисија, тој никаде не е објавен за увид на граѓаните.
„Премиерот заедно со неговиот декор од заменици-премиери на Влада кога вчера триумфално објавија дека законот поминал на владина седница, покажаа дека немаат респект кон јавноста и медиумите. За жал, имаме политичари што размислуваат краткорочно и што се однесуваат како контрабандисти, кои во овој случај криумчареле закон. Закон што би требало да ја носи иднината на граѓаните на оваа држава. Така треба да се сфати овој закон што не знам како да го дефинирам, бидејќи ниту како граѓанин, ниту како пратеник не сум информиран во врска со овој закон“,
рече Села.
Според него, овој закон има големо значење во градење на внатрешната кохезија на земјата
Потенцира дека овој закон има и голема значајност за градење на внатрешната кохезија во оваа држава. Подготвен е да седне со сите чинители и да разговараат, со цел да се донесе соодветен закон за правична застапеност бидејќи тоа е едно од ретките начела на Уставот, кој не е регулиран со закон, а треба да биде.
„Ова е предлог-законот, тука има два листа, со 15 членови кои ја регулираат оваа проблематика, од кои само два зборуваат за правичната застапеност. Со закон се гарантира злоупотребата што се случуваше со балансерот. Ништо повеќе. Ова е законот, кој се праќа до Венецијанската комисија, за кој за волја на вистината тоа се прави само за цели – едните да се фалат дека веќе донесоа закон за правична застапеност, другите да добијат време се додека поминуваат локалните избори“,
кажа тој.
Законот за правична застапеност, како што додаде, бил еден од главните столбови на политичкото дејствување на неговата Алијанса за Албанците.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера на прес-конференција рече дека на владина седница е усвоен предлог-законот за соодветна и правична застапеност.
Според него, предлог-законот има јасна цел, администрацијата да биде вистински сервис за сите граѓани, изградена врз заслуги, знаење, професионалност и интегритет, согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор.
Како што појасни, предлог-законот ќе биде доставен до Венецијанската комисија, а потоа ќе влезе во собраниска процедура.
За поделбата на кандидати за градоначалници на претстојните локални избори, рече дека се уште се во преговори со другите партии што се дел од „Европскиот фронт“.
Потенцираше дека не е во преговори со Арбен Таравари, што ја напушти коалицијата ВЛЕН.
Според него, најважно на овие избопри е да се спречи тенденцијата на македонските политички партии како ВМРО-ДПМНЕ, за која рече дека делува во насока да се сруши политичкото организирање на Албанците во државата.
„На овие локални избори Албанците ќе упатат јасна порака дека тие одлучуваат кој ќе ги претставува нив и во Влада и во опозиција. Ги повикувам сите да гласаат за ‘Европскиот фронт‘ и да им пратат јасна порака на ВЛЕН дека не е тој начинот на кој треба политички да се дејствува, бидејќи создава многу големи последици за во иднина“,
рече тој.