Бујар Османи, кој беше кандидат на ДУИ и на „Европскиот фронт“ за шеф на државата денеска изјави дека според него суштината на демократијата е граѓаните да имаат информирана одлука. Лидерот на „Демократското движење“, Изет Меџити, кое е дел од коалицијата „Вреди“, денеска одговарајќи на новинарски прашања во рамките на активностите пред крајот на изборната кампања што завршува вечерва на полноќ, рече дека нема да одат на бојкот на вториот круг на изборите за претседател и ќе ги повикаат своите членови и симпатизери да гласаат, но за кого, додаде, самите тие треба да одлучат
„Европскиот фронт“ предводен од ДУИ и коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ остануваат на ставот дека нема официјално да поддржат ниту еден од двајцата кандидати во вториот круг од претседателските иизбори и ќе им остават на своите гласачи сами да ја донесат одлуката за кого ќе го дадат својот глас.
Бујар Османи, кој беше кандидат на ДУИ и на „Европскиот фронт“ за шеф на државата, но не го помина првиот круг од трката за претседател на 24 април, денеска изјави дека граѓаните се слободни самите да одлучуваат за тоа кого ќе поддржат во вториот круг и оти немаат намера да им наметнуваат каква одлука да донесат.
Според него суштината на демократијата е граѓаните да имаат информирана одлука.
„Наше е да ги информираме граѓаните за сите аспекти на одлучувањето, а на крајот одлуката ја носат тие“,
рече Османи.

Сличен е ставот и на лидерот на „Демократското движење“, Изет Меџити, дел од коалицијата „Вреди“, кој, денеска одговарајќи на новинарски прашања во рамките на активностите пред крајот на изборната кампања, која завршува вечерва на полноќ, рече дека нема да одат на бојкот на вториот круг на изборите за претседател и ќе ги повикаат своите членови и симпатизери да гласаат, но за кого, додаде, самите тие треба да одлучат.
„Не, не одиме на бојкот. Значи, ги повикуваме нашите гласачи да гласаат за претседател, а за кого ќе гласаат… мислам дека ние ги немаме в џеб, тие се гласови што гласаа за убедување и пак ќе гласаат како што е нивното убедување, за подобриот кандидат“,
рече Меџити.

И лидерот на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски, денеска на прес-конференција ги повика граѓаните и поддржувачите на овој политички субјект да гласаат по сопствено убедување во вториот круг од претседателските избори. Тој ова го кажа како одговор на прашањето дали во вториот круг ЗНАМ ќе ја поддржи претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Рече дека неговиот став во оваа смисла е јасен, но додаде и оти тој лично не сака да ја повторува грешката од минатите претседателски избори кога гласал за Стево Пендаровски.
„Мојот став е јасен. Имав став и јавно извинување до граѓаните дека го имам поддржано Стево Пендаровски во минатиот мандат и дека таа грешка нема да ја повторам, но тоа е мој личен и издвоен став. Што се однесува до гласањето на членовите на ЗНАМ, ние сме демократска партија и согласно таква демократија во партијата ги повикувам граѓаните по сопствено убедување да се произнесат за оној кандидат на кој сметаат дека треба да му ја дадат својата поддршка“,
рече Димитриевски.