Од Европскиот сојуз за промени велат дека ако и по блокадата на Собранието не биде исполнето нивното право за член во ДИК, најавуваат дека ќе ги заостреле опозициските мерки, а не ја исклучуваат можноста од блокирање на избирачките места во Чаир и Тетово или некоја порадикална мерка
Пратеничката група на Европскиот сојуз за промени, најави дека од денеска ќе ја бојкотира работата на Собранието, сѐ додека на дневен ред на Парламентот не дојде поставувањето на Абдуш Демири за кандидат во Државната изборна комисија (ДИК).
„Трпението ни е при крај. Апелиравме до претседателот на Собранието, Талат Џафери, да не го узурпира правото на опозицијата да биде застапена во ДИК, но и покрај нашите напори да го почитуваме Изборниот законик, ДУИ по секоја цена измислува пречки како да создаде предуслови за манипулација на изборниот процес, со цел да се ублажи поразот што ќе ѝ се случи на 8. мај. А, пак, алатката со која ја извршува оваа задача е токму Џафери“,
рече пратеничката Сафије Садики Шаини на денешната прес-конференција што оваа пратеничка група ја одржа пред Собранието.
Садики Шаини вели дека ова е само првиот чекор што ќе го преземат. Таа рече дека очекуваат македонската опозиција да остане лојална на изјавата дека ќе ја напуштат ДИК доколку албанската опозиција не постави свој член во ДИК.
„Навистина, заштитата на нашето право за поставување на член во ДИК не е само наш политички интерес, туку со тоа се заштитени и темелите за слободни, фер и демократски избори. Затоа и техничката влада ќе ни биде бескорисна ако ДИК остане некомплетна или соодносот на нејзините членови остане 5:2 во корист на власта“,
додаде таа.
Според неа, ако и по блокадата на Собранието не биде исполнето нивното право за член во ДИК, рече дека ќе ги заостреле опозициските мерки.
„Дали ќе ги блокираме избирачките места во Чаир и Тетово или ќе има некоја порадикална мерка, тоа ќе го разгледаме како коалиција, но додека ова мнозинство се однесува арогантно кон едно законско право, додека институциите на правдата оглувуваат, ние веќе не чувствуваме обврска кон никого. Само една работа треба да знаат сите – нема да дозволиме полнење кутии по секоја цена. Нека размисли оваа власт кој губи од ова! Ако на некому му одговара политичка криза и тензии, нека се знае дека виновник за таа ситуација ќе биде владата на Република Северна Македонија“,
рече Садики Шаини.
Таа од прес-конференцијата упати апел до, како што рече, нашите стратешки сојузници, САД и земјите од ЕУ, да престанат со оваа узурпација на ДИК наметната од ДУИ, која сакајќи да избега од загубата, сака да предизвика тензии, а вината да ја препушти на некој друг.
„Но како и да е, Европскиот сојуз за промени ќе победи со или без членот во ДИК. Ние сигурно нема да дозволиме да се краде волјата на граѓаните и секој глас ќе го браниме со живот, но нека знаат дека и овој напор не ги спасува од пораз. Прво ќе ги поразиме па потоа ќе ги казниме за овие прекршувања на законот“,
рече Садики Шаини.
Местото во ДИК остана празно откако Кренар Лога стана министер за правда, а сега тоа треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.
За член на Државната изборна комисија пријавени се два кандидата – Абдуш Демири, поддржан од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ и Зулфи Адили подржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери пред крајот на минатиот месец рече дека кога ќе стигне предлогот за член на Државната изборна комисија (ДИК) веднаш ќе биде ставен на пленарна седница за гласање.
Тој рече дека околу прашањето за избор на член на ДИК постапува според процедури и не толкува нечии изјави.
Објаснувајќи го Деловникот, Џафери рече дека деловнички е можно двајца кандидати за член на ДИК да одат на гласање на пленарна седница.
Џафери истакна дека доколку пропадне изборот на член на ДИК, има време да се распише нов оглас.
Според Џафери, испразнетото место во ДИК не може да го доведува во прашање легитимитетот на изборниот процес.