Во објавата лидерот на ДУИ вели дека иднината на земјата е во интеграцијата во големото европско семејство и дека само заедно ја градиме иднината што ја заслужуваме

Коалицијата „Европски фронт“ се ребрендира и на претстојните локални избори на 19 октомври ќе настапи под ново име – „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ). Оваа информација ја објави лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, преку својот фејсбук-профил.
Во објавата Ахмети вели дека Албанците сè помалку се почитувани од актуелната власт која, според него, нема албански етнички легитимитет. Тој повика на единство меѓу Албанците и сите што веруваат во европската иднина на земјата.
„Денес е потребно единство, прво меѓу сите Албанци, но и меѓу сите оние што не се откажуваат лесно и веруваат дека во нашата земја можеме да изградиме подобра иднина за нашите деца“,
вели Ахмети.

Во објавата лидерот на ДУИ вели дека иднината на земјата е во интеграцијата во големото европско семејство и дека само заедно ја градиме иднината што ја заслужуваме.
Пред ребрендирањето, коалицијата „Европски фронт“ ја напуштија Демократската партија на Турците, која ќе настапи самостојно на изборите, како и ДПА на Мендух Тачи, која нема да учествува на локалните избори со листи за градоначалници и советници.