Путин рече дека Русија ќе биде подготвена веднаш да ја запре војната во Украина доколку добие гаранции за својата безбедност, додавајќи дека Москва нема намера да ја нападне Европа
Рускиот претседател Владимир Путин на годинешната прес-конференција за медиумите, што денеска се одржа во Москва и траеше четири и пол часа, не понуди компромис за неговите услови за завршување на војната во Украина и ја обвини Европската Унија дека се обидува, како што рече, да ограби руски средства „сред бел ден“.

Прес-конференцијата се емитуваше денеска на национална телевизија, на која тој одговараше на претходно избрани прашања, но и на телефонски јавувања и пораки од граѓаните, кои се прикажуваа на голем екран.
Во говорот тој го покажа својот непопустлив став на Русија во врска со инвазијата на Украина.
Додека американскиот претседател Доналд Трамп бара крај на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, Путин рече дека од Украина и Европа зависи следниот чекор кон мирот.
„Претседателот Трамп вложува сериозни напори да го запре овој конфликт. Тој тоа го прави со целосна искреност“,
рече Путин.
Според него, топката е во дворот на западните противници, првенствено, како што вели, лидерите на режимот во Киев, а во овој случај, во нивните европски спонзори.
„Ние сме подготвени за преговори и за мирно решавање на конфликтот“,
кажа тој.
Трамп е за мировен договор, но Украина и нејзините европски сојузници стравуваат дека условите за мир ќе бидат во корист на Русија.
Киев долго време повикува на прекин на огнот и вели дека не верува дека Путин е сериозен во врска со постигнувањето мир.
Иако на прес-конференцијата на Путин, Украина беше доминантна тема, сепак, настанот беше проследен со бизарни моменти и повремени остри коментари од граѓаните на Русија, чии испратени пораки се прикажуваа на големиот екран во салата.
Путин рече дека Русија ќе биде подготвена веднаш да ја запре војната во Украина доколку добие гаранции за својата безбедност, додавајќи дека Москва нема намера да ја нападне Европа.
Според него, Русија е отворена за соработка „под еднакви услови“ со Западот.
Путин рече дека условите на Русија за прекин на војната во Украина се оние што ги истакнал во говорот во јуни 2024 година, кога побара Украина да се откаже од своите амбиции да се приклучи на НАТО и целосно да се повлече од четири региони што Русија ги смета за своја територија.
За украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека не е легитимен лидер.
Путин одговараше на прашањата неколку часа откако лидерите на Европската Унија не успеа да се согласи за предлогот за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на економските и воените потреби на Украина во наредните години. Наместо тоа, лидерите на ЕУ се согласија дека ќе му обезбедат на Киев бескаматен заем од 90 милијарди евра (105,5 милијарди долари).
Путин, кој постојано ја критикуваше Европа, го нарече планот за замрзнатите средства „грабеж“ и рече дека Русија ќе ги брани своите интереси, „прво и пред сè на судовите“, ако ЕУ го реактуализира планот.
„Кражба не е соодветен термин. Тоа е грабеж сред бел ден. Зошто не може да се изврши овој грабеж? Бидејќи последиците би можеле да бидат сериозни за крадците“,
рече тој.
Кремљ објави дека во пресрет на конференцијата се добиени повеќе од 2,6 милиони прашања. Настанот се опишува како демонстрација на отвореноста на Путин за одговарање на прашања на секаква тема.
Путин, 73-годишниот претседател, кој е разведен, одговори потврдно на прашањето дали е заљубен, но не откри повеќе детали.
Посочи и дека понекогаш тајно се движи низ Москва за да разбере што се случува во Русија.
За време на прес-конфееренцијата се случи запросување, кога студентот Кирил Бажанов ја побара за сопруга својата девојка Олга, тврдејќи оти таа на телевизија го гледа преносот. Тој го покани Путин на свадба, а потоа го праша за финансиската поддршка за младите семејства.
