„Европа држи многу карти. Од трговија до технологија, како и до големината на нашиот пазар. Но, оваа сила е изградена и врз нашата подготвеност да преземеме цврсти контрамерки доколку е потребно“, рече денеска претседателката на Европската комисија во своето обраќање пред Европскиот парламент, без да наведе повеќе детали
Европската Унија има силен план да возврати на царините наметнати од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, но повеќе би сакала да преговара, изјави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пренесе „Гардијан“.

Трамп, кој ѝ стави крај на осумдецениската сигурност на трансатлантските трговски односи откако ја презеде функцијата, се закани со царини за стоки од целиот свет, кои утре треба да влезат во сила. Неговата администрација во март воведе царини за увезниот челик и алуминиум и најави дека повисоките давачки за увозните автомобили ќе стапат во сила в четврток.
Фон дер Лајен, говорејќи пред Европскиот парламент денеска, рече дека следните сектори кои ќе се соочат со царини ќе бидат индустријата за полупроводници, фармацевтските производи и дрвото.
Таа рече дека многу Европејци се чувствуваат целосно обесхрабрени од најавите на САД.
„Европа не ја започна оваа конфронтација. Ние не сакаме да возвратиме по секоја цена, но ако е потребно, имаме силен план да го направиме тоа и ќе го искористиме“,
рече таа.
По објавувањето на царините за челик и алуминиум во март, Европската комисија (ЕК) соопшти дека ќе воведе контрамерки за американска стока до 26 милијарди евра. Тие вклучуваат повторно воведување тарифи за американска стока од 4,5 милијарди долари, како што се фармерки и мотори „харли дејвидсон“, кои беа суспендирани за време на претседателствувањето на Џо Бајден. Мерките треба да бидат имплементирани во средината на април откако извршната власт на ЕУ избра да го одложи првичниот датум 1 април, со цел да ја усогласи позицијата на ЕУ меѓу 27-те земји членки.
Извршната власт на ЕУ ги консултира земјите членки за втората транша од тарифите, во вредност од околу 18 милијарди евра, што опфаќа челик, алуминиум, живина, говедско месо, морска храна и јаткасти плодови.
Сепак, Унијата, како што наведува „Гардијан“, се соочува со притисок од земјите членки кои бараат заштита на националните интереси. Франција, на пример, е загрижена за влијанието врз француските вина и алкохолни пијалаци доколку Комисијата ги насочи контрамерките кон американскиот бурбон. Францускиот премиер Франсоа Бајру ги опиша предложените царини на ЕУ за бурбонот како погрешен чекор по состаноците со француската индустрија за коњак.
Под трговските односи меѓу ЕУ и САД, кои во 2023 година биле во вредност од 1,6 трилиони евра, европскиот блок извезувал повеќе стоки преку Атлантикот отколку САД, а во ова предничат автомобилите, лековите и фармацевтските производи.
Официјалните претставници на ЕУ не ја отфрлија можноста за одмазднички мерки за американските услуги, како што е суспендирање на правата на интелектуална сопственост. Теоретски, контрамерките може да биде насочена кон американските технолошки компании, банки и даватели на финансиски услуги.
Без да даде дополнителни детали, Фон дер Лајен рече дека сите инструменти – сите контрамерки – се на маса.
„Европа држи многу карти. Од трговија до технологија, како и до големината на нашиот пазар. Но, оваа сила е изградена и врз нашата подготвеност да преземеме цврсти контрамерки доколку е потребно“,
рече таа.