„Не сум изненадена бидејќи во Европскиот парламент седат и претставници на партии што се против самата Европска Унија, националистички партии, да не ги набројувам, од АТАКА (бугарска партија н.з) преку Златна зора (грчка партија н.з.) и други. Не сум зачудена“, изјави денеска претседателката на државата прашана за став за случувањата пред и за време на пленарната седница на Европскиот парламент на која точка на дневен ред е и извештајот за напредокот на С Македонија
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, коментирајќи го денеска отстранувањето на референциите за македонскиот јазик и идентитетот од извештајот за земјава во Европскиот парламент, рече дека тоа уште еднаш го покажува и докажува демократскиот дефицит во Европската Унија.

Демократијата, според претседателката, недостига и во Европскиот парламент кој, како што вели, треба да биде дом на европскиот демос, на европските граѓани, но демосот, посочува Сиљановска-Давкова, го нема.
Имено, претседателката денеска на маргините на настан беше прашана како гледа на пленарната седницата на јулската сесија на Европскиот парламент на која една од точките на дневен ред е извештајот на известувачот за С Македонија во ЕП, Томас Вајц, а од кој преку амандман издејствуван од бугарските европратеници се отстрануваат референциите за македонскиот јазик и идентитетот.
Сиљановска-Давкова вели дека не е шокирана од ваквите случувања, но е, како што додаде, длабоко разочарана, особено од природата на некои амандмани, како и од дискусиите.
„Не сум изненадена бидејќи во Европскиот парламент седат и претставници на партии што се против самата Европска Унија, националистички партии, да не ги набројувам, од АТАКА (бугарска партија н.з) преку Златна зора (грчка партија н,з.) и други. Не сум зачудена“,
рече претседателката одговарајќи на новинарско прашање на настанот на Комисијата за заштита од дискриминација „Разговори за еднаквост“, на тема „Право на домување на Ромите“.
Таа рече оти била пријатно изненадена од извештајот на австрискиот европратеник, кој ѝ припаѓа на групата на Зелените, Томас Вајц, за кого рече дека е почитуван пратеник кој добро ги познава балканските состојби.
Во оваа насока, претседателката рече дека она што ни се случува нам можела и Австрија да ѝ го прави на Словенија при нејзиното пристапување во Европската Унија, но не сакала, иако во словенечкиот устав ги нема Австријците, Хрватите, Бошњаците, Ромите и други народи кои во уставот на земјата се наведени под други.
„Но, природата на амандманите покажа дека навистина не само светот, туку и Европа и Европската Унија имаат сериозни проблеми со демократијата“,
кажа Сиљановска-Давкова.
Според нас, станува збор за момент кој води на размислување за потребата од реформи во самата Унија, а во контекст на ова таа се осврна говор на претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, кој зборува токму на оваа тема.
„Кога го слушам претседателот на Европскиот совет како истакнува дека се потребни реформи внатре во Европската Унија, мислам дека неговата изјава не е случајна, дека има врска и со феноменот вето и со опасноста од билатерализација на евроинтеграцијата во време кога проширувањето на Европската Унија во смисла на тоа дека ќе зборуваме еден ден за синоним или за еднаквост меѓу Европска Унија и Европа бидејќи ние географски, историски, културно отсекогаш сме биле дел од Европа“,
кажа Сиљановска-Давкова.
Според претседателката, во време кога мултилатерализмот е под притисок на мултиполаризацијата важно е Европската Унија, односно Европа, да биде компетитивен играч, а тоа може да го постигне само ако ги вклучи сите држави кои географски, историски и културно припаѓаат кон неа.
Прашањето на евроинтеграцијата е прашање на стабилност и безбедност додаде Сиљановска-Давкова во тој контекст, посочувајќи оти имало периоди во развојот на Европската Унија кога се доаѓало до клучни моменти на промени во процесот на одлучување и однесување.

Својот коментар таа го заокружи со осврт на одговор што бугарската влада го доставила до Советот на Европа, а кој се однесува на ставот на официјална Софија во поглед на состојбите со малцинствата во земјата.
Како што наведе Сиљановска-Давкова, прелистувајќи ги материјалите што претходно ги побара од нејзините служби, одговорот на Бугарија е од 2024 г., а се повикува на резултатите од пописот во земјата три години претходно.
„Еве што адресирала (Бугарија) до Советот на Европа, ова е многу поучно. Вели дека во резимето од пописот 2021 година 1 143 лица се самоидентификувале како етнички Македонци, 3 540 изјавиле дека мајчин јазик им е македонскиот, 1 091 лице пријавило дека дома зборува македонски јазик. И еве што пишува (бугарската) влада, вели дека овозможила доброволен процес на самоидентификација, еве јас ги упатувам меѓународните субјекти да се вратат назад во пописите во Бугарија бидејќи некои феноменални промени никогаш не се случуваат никаде, па да го видат пописот од 1956 г. и пописот од 1946 г., ама интересно е што пишува во дописот на владата, односно дека овие лица кои се претставуваат како Македонци се мала група и не ги исполнуваат објективните критериуми за статус на национално малцинство. Може да заклучиме нешто? За која категорија ние треба да го смениме Уставот? За колкав број? Еве јас прашувам“,
рече претседателката Сиљановска-Давкова.
На истата тема, но на одделен настан, одговарајќи на новинарско прашање, говореше и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека дел од европратениците најавиле дека нема да го поддржат амандманот со кој се бара бришење на термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ во нацрт-извештајот на Европскиот парламент.
Тој изрази жалење што во 21 век во Европа има такви европратеници што го оспоруваат идентитетот на еден малоброен народ и неговиот мајчин јазик и прават да стане предмет и камен на сопнување во Европскиот парламент, за кој рече дека треба да биде лулка на демократијата во која се почитуваат човековите права.
Пратениците во Европскиот парламент денеска ќе дебатираат за предлог-извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц, кој е известувач за земјава во ЕП, а утре треба да се одржи гласањето.
Нацрт-извештајот на 24 јуни помина на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент со референциите за македонскиот јазик и македонскиот идентитет на неколку места во документот.
Пред гласањето тогаш, германскиот европратеник Михаил Галер од конзервативната ЦДУ, односно од Европската народна партија, предложи амандман во кој пред терминот „македонски јазик и идентитет” се додава „модерен”. Амандманот не помина бидејќи против него се изјаснија шест европратеници.
Сепак, минатата недела беше соопштено дека трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (СиД) и Обнова – се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија
Ваквата информација на 3 јули ја потврди и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.