ЕХФ соопшти дека од двата клуба е побарано да ги достават своите изјави, за да бидат разгледани од правните тела
Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги предаде сите релевантни информации што ги поседува на своите правни тела и побара покренување на правни постапки против клубовите Алкалоид и АЕК. Вака гласи соопштението објавено на официјалната веб-страница на ЕХФ, два дена откако во Скопје не беше одигран реваншот меѓу скопскиот и атинскиот ракометен клуб во рамки на финалето на Европскиот куп.

„Информациите што ЕХФ ги достави до судските тела, меѓу другото, се однесуваат на дистрибуцијата на билети на гостинските навивачи од страна на РК Алкалоид во пресрет на натпреварот, како и на одбивањето на АЕК Атина да влезе на теренот за почетокот на натпреварот“,
се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Европската ракометна федерација.
Од двата клуба е побарано да ги достават своите изјави, за да бидат разгледани од правните тела.
„Понатамошна комуникација ќе биде обезбедена само откако ќе се донесе правна одлука“,
додаваат од ЕХФ.
Реваншот меѓу Алкалоид и АЕК од финалето во Европскиот куп што требаше да се одигра во неделата во салата „Борис Трајковски“ во Скопје не започна откако ракометарите на гостинскиот тим одбија да излезат на теренот.
Атинскиот клуб соопшти дека одлуката да не излезат на теренот била тешка, но неопходна, оценувајќи го како непочитување потегот дел од навивачите на АЕК да бидат пуштени, а дел вратени од македонско-грчката граница.
На првиот меч во Атина, тимот на Алкалоид победи со резултат од 29:25.