Директорката за Европа на Конфедерацијата, Сузан Флокен, вчера прво говореше на прес-конференцијата на СОНК, а потоа беше дел од делегацијата која преговараше во Владата, по што беше соопштено дека е дојдено до прелиминарно решение за покачување на платите за 12 отсто почнувајќи од јули, како и за други прашања во корист на вработените во училиштата и градинките
Европската конфедерација на синдикати изразува поддршка за битката за подобри работни услови за просветните работници во Северна Македонија.
Европската конфедерација од самиот почеток го поддржува штрајкот на наставниот кадар во Северна Македонија. Оттаму сметаат дека штрајкот е последната опција кога ќе пропаднат преговорите, изјави директорката за Европа на Конфедерацијата, Сузан Флокен, на почетокот на штрајкот.
Во куса изјава денеска Џулиан Скола, задолжен за односи со медиумите во Конфедерацијата, за МИА рече дека Европската Конфедерација на синдикати го поддржува ставот на СОНК, кој изрази „загриженост за преговорите“ со Владата во барањата за повисоки плати, со оглед на тоа дека „овие плати се пониски од националната просечна плата“, велат од Конфедерацијата.
На прашање дали предлогот за покачување од 12 отсто е задоволителен, од Европската конфедерација велат дека таа одлука треба да ја донесе СОНК.
„Не коментираме за тоа, на синдикатот таму е да одлучи дали е задоволително, ние даваме целосна поддршка за покачување на платите, но не сме ние тие кои одлучуваат“,
велат од Европската конфедерација.
Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, Бернадет Сегол, идната недела ќе се обрати преку видеопорака на Конгресот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) во Северна Македонија.
„Целосно го поддржуваме вашето барање за преговори со Владата за повисоки плати и подобри услови за работи за наставниците во Северна Македонија, е пораката што ќе ја испрати Сегол до македонските синдикати на 5 мај“,
рекоа за МИА од Европската Конфедерација.
Директорката за Европа на Конфедерацијата, Сузан Флокен, вчера прво говореше на прес-конференцијата на СОНК, а потоа беше дел од делегацијата која преговараше во Владата, по што беше соопштено дека е дојдено до прелиминарно решение за покачување на платите за 12 отсто почнувајќи од јули, како и за други прашања во корист на вработените во училиштата и градинките.
Денеска Советот на СОНК ќе го слушне гласот на членството по што ќе донесе одлука дали предлогот е прифатлив со што ќе се стави крај на штрајкот кој трае од 11 април.
Во меѓувреме десетици членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска протестираа пред седиштето на Синдикатот откако по вчерашната средба на СОНК и Владата беше неофицијално соопштено оти штрајкот во училиштата и градинките од утре би бил прекинат доколку понудата за 12-процентно покачување на платите во образовниот и секторот за детска заштита биде прифатен од членството на Синдикатот.
