Препораката на Европската комисија за кандидатски статус на Украина и Молдавија ќе послужи како основа за дискусија на Самитот на ЕУ следната недела (23-24 јуни) во Брисел, каде што се очекува лидерите да го одобрат кандидатскиот статус
За разлика од Украина и Молдавија, Грузија не доби поддршка од Европската комисија и од неа беше побарано прво да исполни одредени услови пред да го добие кандидатскиот статус за членство во Европската Унија
Европската комисија денеска ја даде својата оцена за трите апликации за членство во Европската Унија на Украина, Молдавија и Грузија и препорача на Украина и Молдавија да им се даде кандидатски статус за членство во Европската Унија.
По состанокот, шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Твитер објави оти Комисијата дава препорака на Украина да ѝ се даде кандидатски статус, со претпоставка дека земјата ќе спроведе голем број важни реформи.
„Украина јасно покажа посветеност да ги исполнува европските вредности и стандарди“,
стои во објавата на Лајен на Твитер.
Украина, како што се додава во нејзината објава, веќе има исполнето приближно 70 проценти од правилата, нормите и стандардите на Европската Унија. Сепак, додава оти останува да се направи важна работа во насока на владеење на правото, олигарсите, антикорупцијата и основните права.
„Процесот се заснова на заслуги. Така, напредокот целосно зависи од Украина“,
додава Лајен.
Освен за Украина, Фон дер Лајен објави оти Европската комисија дава препорака и на Молдавија да ѝ се додели кандидатски статус, со претпоставка дека земјата ќе спроведе реформи.
„Молдавија е на вистински прореформски, антикорупциски и европски пат. Има уште долг пат да помине, но ние веруваме дека има потенцијал да ги исполни критериумите“,
напиша Фон дер Лајен на Твитер.
Препораката на Европската комисија за кандидатски статус на Украина и Молдавија ќе послужи како основа за дискусија на самитот на ЕУ следната недела (23-24 јуни) во Брисел, каде што се очекува лидерите да го одобрат статусот на двете за кандидат, но со строги услови, а членството може да потрае со години, па дури и децении.
За разлика од Украина и Молдавија, Грузија не доби поддршка од Европската комисија и од неа беше побарано прво да исполни одредени услови, пред да го добие кандидатскиот статус за членство во Европската Унија.