Европската комисија не коментираше за посетата на бугарската делегација во културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, а не реагираше ниту за осудата од страна на еврејската заедница на Северна Македонија
Воедно, останува неодговорено и прашањето од страна на ЕК дали условите што Софија му ги поставува на Скопје – промена на Уставот пред стартот на преговорите со ЕУ, промена на учебниците итн – се услови што ги одобрува Европската комисија, иако е јасно дека тие не се дел од копенхашките критериуми, кои Комисија е должна да ги почитува како чувар на повелбите на ЕУ
На редовниот брифинг за новинари на Европската комисија, Македонската информативна агенција (МИА) побара коментар за посетата на бугарската владина делегација на отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, како и коментар за најавата за нова блокада на патот кон ЕУ од страна на Софија.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, го повтори ставот дека Бугарија и Северна Македонија треба да изнајдат заедничко прифатливо решение за спорот, но одби да даде коментар за билатералните услови во ЕУ-процесот.
„Нашата дамнешна позиција е дека и Северна Македонија и Албанија ги исполнија условите за почеток на пристапните преговори, како што знаете следните чекори се во рацете на Советот. Од наша страна јасно продолжуваме да ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија да постигнат заеднички прифатливо решение за постоечките билатерални прашања и се надеваме дека ќе видиме што е можно поскоро отворање на формалните пристапни преговори со двете земји“,
повтори Писонеро.
Во меѓувреме, Албанија бара да биде одвоена од Северна Македонија на патот кон пристапот во ЕУ, одвојување што Бугарија го поддржува, но не и голем број други земји членки на ЕУ. На ова, Писонеро повтори дека позицијата на Европската комисија е оти двете земји заслужуваат старт на преговори.
Воедно, останува неодговорено и прашањето дали условите кои Софија му ги поставува на Скопје– промена на Уставот пред стартот на преговорите со ЕУ, промена на учебниците итн – се услови што ги одобрува Европската комисија, иако е јасно дека тие не се дел од копенхашките критериуми, кои Комисија е должна да ги почитува како чувар на повелбите на ЕУ.
„Знаете добро дека условите за влез во ЕУ се тие што се, тие не се сменети се разбира. Второ, знаете добро дека за да започнат преговорите за пристапување, земјите членки треба да ја одобрат преговарачката рамка. Комисијата веќе пред некое време го поднесе својот предлог до Советот. Дискусиите се во Советот и продолжуваме да ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија да постигнат заеднички прифатливо решение за постоечките билатерални прашања за да напредуваме со процесот. Од наша перспектива ситуацијата е многу јасна: Северна Македонија и Албанија заслужуваат да одат напред и се надеваме на овој чекор што поскоро“,
изјави Писонеро, која повторно не одговори на прашањето за прифатливоста на бугарските билатерални услови.
Европската комисија не коментираше за посетата на бугарската делегација во контроверзно именуваниот центар во Битола, а не реагираше ниту на осудата од страна на Еврејската заедница на Северна Македонија.