Унгарија и Словачка се единствените земји кои сè уште увезуваат нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“. Како и Чешка, тие добија ослободување од забраната за увоз на нафта и нафтени производи како земји без излез на море кои не можат да увезуваат нафта од други извори
Европската комисија ќе предложи царини за руската нафта што сè уште се увезува на европскиот пазар, изјави портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.

„Комисијата наскоро ќе излезе со деталите за овој предлог“,
изјави Гил на прес-конференција.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп, објави дека ќе предложи царини за увоз на руска нафта.
Не станува збор за санкции, за кои е потребна едногласност, туку за трговска мерка за која земјите-членки одлучуваат со квалификувано мнозинство, што оневозможува која било земја-членка да стави вето на одлуката.
Унгарија и Словачка се единствените земји кои сè уште увезуваат нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“. Како и Чешка, тие добија ослободување од забраната за увоз на нафта и нафтени производи како земји без излез на море кои не можат да увезуваат нафта од други извори.
Овие земји треба да го искористат ова ослободување и да обезбедат диверзификација на снабдувањето со нафта од други извори, што Чешка го направи во меѓувреме, додека Унгарија и Словачка сè уште не покажаа никаква намера да се движат во таа насока.