Претставници на европските институции им порачале на здруженијата дека предлозите не се можни и не се во согласност со Шенген, а како единствен став го повториле барањето превозниците да се приспособат на правилото 90/180

Брисел ги отфрлил предлозите на земјите од Западен Балкан и транспортните здруженија кои беа упатени до ЕУ за да се најде компромис за примената правилото 90/180 за влез во шенген-зоната за професионалните товарни возачи, пренесува „Вјести“.
Поради ова, во наредните денови се очекува да следуваат нови форми на протест, со можни блокади на гранични премини и пристаништа.
Превозниците барале професионалните возачи да добијат посебна виза или документ што ќе им овозможи подолг престој и работа во Европската Унија без промена на живеалиштето, како и можност времето поминато на релации според патни налози да не се пресметува како престој.
Претставници на европските институции им порачале на здруженијата дека предлозите не се можни и не се во согласност со Шенген, а како единствен став го повториле барањето превозниците да се приспособат на правилото 90 дена во 180.
Како алтернатива, им било посочено дека можат да бараат виза од земја членка за престој подолг од 90 дена, но само во рамки на таа држава.
Претставниците на возачите, пишува „Вјести“, одговориле дека такво решение би ги турнало возачите кон подолгорочен престој во земјите членки и би го зголемил ризикот да ја напуштат регионалната индустрија и да преминат кај европски превозници.
Исто така, навеле и дека компаниите од регионот би биле принудени да се пререгистрираат и да отвораат канцеларии во ЕУ, процес што го оценуваат како долг и компликуван.
Во текстот се наведува и дека претседателот на работната група од ЕУ закажал нов состанок за две недели.
Превозниците тврдат дека, со оглед на роковите и процедурите, предложеното решение би се развлекло со години, додека тие предупредуваат дека во април би можеле да останат без реална можност да работат поради примената на правилото 90/180.
Новите правила што ги наметнува ЕУ за престојот на возачите предизвика реакции дома и во регионот. Превозници од повеќе земји од Западен Балкан координирано ги стопираа граничните премини наведувајќи дека строгата примена на правилото 90/180 им го загрозува работењето.
