Премиерот Ковачевски во обраќањето посочи дека ова е силно охрабрување за сите планови за одржување и раст на економијата. Според него, отворањето на оваа канцеларија претставува и силна порака и признание за земјава и за нејзините заложби во врвот на приоритетите да се стават енергетската транзиција, заштитата на животната средина, одржливиот транспорт, локалниот економски развој и приватниот сектор

Европската инвестициска банка (ЕИБ) отвори претставништво во Скопје. Локалната канцеларија се наоѓа во просториите на Делегацијата на ЕУ во земјава, а нејзиното отворање, според потпретседателката на ЕИБ Лилјана Павлова, претставува силен сигнал за долготрајната поддршка на нашата земја.
Само заеднички и на интегриран начин и обединето, порача Павлова, ќе можеме да се справиме со предизвиците што се пред нас.
„Мило ми е што дојде време и Скопје да се придружи на семејството на ЕИБ канцелариите ширум светот. Верувам дека отворањето на оваа канцеларија претставува многу силен сигнал на нашата долготрајна силна поддршка на земјата и на регионот во пристапните преговори и генерално во евроинтеграциите“,
рече Павлова во поздравниот говор.
Отворањето на канцеларијата, додаде таа, ќе понуди нови можности за поддршка и ќе се овозможи нужна поддршка во овие ризични времиња во кои се соочуваме со социо-економски предизвици, енергетската криза и војната во Украина.
„Заеднички работиме на проекти и имаме низа проекти на кои ќе соработуваме. Коридорот 8 е еден од проектите кои допрва ќе следи, тука се и водоснабдувачките проекти со Министерството за животна средина, а со иновативниот пристап под палката на Министерството за финансии и проектите за давање на поддршка на мали и средни претпријатија, како и за зајакнување на капацитетот на Развојната банка. Се надевам дека набрзо ќе почнеме со нашите проекти за поддршка на регионот“,
рече Павлова.
На отворањето на претставништвото во Скопје присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски кој посочи дека ова е силно охрабрување за сите планови за одржување и раст на економијата. Според него, отворањето на оваа канцеларија претставува и силна порака и признание за земјава и за нејзините заложби во врвот на приоритетите да се стават енергетската транзиција, заштитата на животната средина, одржливиот транспорт, локалниот економски развој и приватниот сектор.

„Силно сме фокусирани на создавање на енергетска независност на државата и подобрување на инфраструктурата за подобро и побрзо движење и поддршка на компаниите кои се мотор на економскиот раст на земјата. Преку канцеларијата ќе се воспостави директна комуникација со Европската комисија во реализација на клучните проекти кои се остваруваат со финансиска поддршка на Европската Унија. Претставништвото на ЕИБ има за цел да ги забрза и новите иницијативи и ќе ја подобри идентификацијата, подготовката, обезбедувањето финансирање и извршувањето на проектите според најдобрите практики“,
рече Ковачевски.
Премиерот во говорот потсети дека ЕИБ е активна во земјава од 1991 и дека преку неа се обезбедени финансии во висина од една милијарда евра за поддршка на клучни инфраструктурни проекти за развој на локални заедници и за поддршка намалите и средните претпријатија.
„Во моментов со буџет од 246,9 милиони евра наменет за кофинансирање на проекти во јавниот сектор се спроведуваат проектите за спроведување и одведување на отпадни води во општините, проектот за финансирање на мали и средни претпријатија и средно пазарни капитализирани претпријатија, гасниот интерконектор со Грција и проектот за пречистителна станица во Скопје. Во завршна фаза на подготовка е проектот за третата делница од Крива Паланка до Деве Баир на пругата кон Бугарија во вредност од 412,3 милиони евра“,
посочи Ковачевски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, порача дека и понатаму ќе продолжат со поддршката на земјава за да го реализира потенцијалот за економски развој.
„Практичната и финансиската помош ќе ѝ помогне на земјата да може да ги зграби економските можности да овозможи одржлив развој и да го подобри животот на граѓаните“,
рече Гир.
Тој додаде дека фактот што седиштето на Канцеларијата на ЕИБ ќе биде во просториите на Делегацијата на ЕУ ќе овозможи подобра координација на иницијативите но и ќе ја приближи ЕИБ до граѓаните.