Министерот Тимчо Муцунски оцени дека ваквиот чекор е од значење за продлабочувањето на врските со ЕУ и унапредувањето на партнерството со европските институции, додека потпретседателот на ЕИБ, Роберт Де Грот, изрази задоволство за формализирањето на односите и порача дека соработката ќе продолжи со досегашниот интензитет
Европската инвестициска банка (ЕИБ) отвора претставништво во Скопје. Спогодбата за отворањето на претставништвото на ЕИБ во главниот град на земјава денеска во Владата го потпишаа шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и потпретседателот на ЕИБ, Роберт Де Грот.

Според Муцунски, ваквиот чекор е од значење за продлабочувањето на врските со Европската Унија и унапредувањето на партнерството со европските институции. Со отворањето на претставништвото, како што додаде, ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и македонските компании, давајќи им поддршка за реализација на нивните развојни инвестиции и проекти.
„Ова е силна потврда на довербата која оваа организација и ЕУ ја имаат во нашата држава и во нејзиниот економски потенцијал. Поблиското присуство на ЕИБ е јасен сигнал дека нашата држава се движи во насока на модерна, европска и конкурентна економија, отворена за инвестиции и ориентирана кон долгорочен и одржлив раст. Новата фаза на соработка во која влегуваме денес се совпаѓа со стратешките цели на Владата – забрзување на економската трансформација, поддршка на зелената транзиција, интеграција во европскиот економски и финансиски простор и усвојување на европските успешни практики и стандарди“,
порача Муцунски, додавајќи дека Европската инвестициска банка има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на земјава.

На прес-конференцијата со Муцунски се обрати и потпретседателот на ЕИБ, Роберт Де Грот, кој изрази задоволство за формализирањето на односите. Порача дека соработката ќе продолжи со досегашниот интензитет во повеќе области како енергетика, транспорт, поврзување, транзиција кон обновливи извори на енергија, а од особен интерес, како што рече, е третирањето на отпадните води, особено во главниот град.
„Формалното препознавање на статусот на ЕИБ во Северна Македонија ќе ни овозможи да ја продлабочиме врската, но и нашето портфолио да порасне согласно со приоритетите на Владата. Подготвени сме да ги поддржиме нашите македонски партнери при испорачувањето на проекти што ќе имаат силно влијание и ќе промовираат одржлив развој, поврзување, зелена транзиција, како и подобрени здравствени и образовни услуги во полза на граѓаните. Уверен сум дека заедно може да изградиме посилна поцврста иднина за Северна Македонија и да помогнеме на вашиот пат кон пристапување кон ЕУ“,
порача Де Грот на прес-конференцијата во Владата.
