На заедничката прес-конференција, српскиот претседател Александар Вучиќ, рече дека нема ништо против идејата за формирање Европска геополитичка заедница и оти во неа не гледа некоја теорија на заговор

Европската геополитичка заедница би им помогнала на земјите кои сакаат да се приклучат на ЕУ бидејќи ќе го олесни процесот на нивно пристапување, порача денеска од Белград претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Мишел предложи формирање на оваа заедница, откако претходно за идејата објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Според денешната изјава од Белград, формирањето на ваква нова платформа би овозможила размена на ставовите на највисоко ниво што би го зголемило „меѓусебното политичко разбирање“ на државите.
„Во целост ја поддржувам идејата за забрзување на процесот на пристапување во ЕУ и тој да биде поефикасен. Треба да се почувствуваа опипливи придобивки во земјите кандидатки за членство. Европската геополитичка заедница би овозможила редовно да се состануваме на највисоко ниво, да разменуваме идеи за заедничките интереси, да се координираме“,
рече Мишел.
Предлогот за формирање на оваа заедница, рече тој, го дал бидејќи е важно веднаш да се создаде политички формат кој ќе овозможи заедничка посветеност на предизвиците.
„Таа платформа, тој формат ќе биде посветен на заедничките предизвици, пред сè надворешнополитичките и геополитичките. Имаме некои конкретни идеи за тоа како тоа би функционирало, разговаравме за тоа со претседателот Вучиќ, цел ни е да ги слушнеме нашите партнери за оваа платформа да биде ефикасна и конкретна“,
рече претседателот на Европскиот совет.
Според Мишел, ова не е некоја ова идеја што е предложена од Брисел за да се одложува нешто, туку напротив, тоа е идеја за зголемување на соработката и координацијата меѓу членките на ЕУ и земјите кандидатки.
На заедничката прес-конференција, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека разговарале со Мишел на оваа тема, но оти и претходно за истото зборувал и со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Да бидам искрен, немам ништо против, не гледам некоја теорија на заговор. Секогаш ќе ги има оние што ќе бараа влакно во јајцето. Независно од ситуацијата, секоја година би имале можност да присуствуваме на големите самите на 27-те лидери и таму да зборуваме“,
рече Вучиќ.
Слична изјава за оваа заедница што ја планираат лидерите на ЕУ, како Мишел во Белград, денеска даде и францускиот претседател Емануел Макрон при пречекот на претседателката на Молдавија, Маја Санду, пред Елисејската палата, велејќи дека еден ваков формат цел не би бил алтернатива туку надополнување на процесот на пристапување во Унијата.
„Оваа заедница не е алтернатива на пристапниот процес туку надополнување кое независно од него, овозможува посилно структурирање на политичкиот, енергетскиот и инвестицискиот однос со неколку земји кои тоа го посакуваат“,
рече Макрон.