Во фокусот на годинешната кампања е еден малку познат факт за ХИВ кај нас: Н = Н, недетектабилно е еднакво на непреносливо
Луѓето што живеат со ХИВ и редовно примаат терапија имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита
Од денеска до 27 ноември, под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“, се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ, кон која веќе седма година по ред се приклучува и здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, заедно со неколку стотини организации од 53 европски земји. Целта на одбележувањето на оваа недела е да се зголемат пристапот и свесноста за важноста од тестирањето за ХИВ, објаснуваат од ХЕРА.

„На тој начин, информациите за превенција на ХИВ стануваат подостапни, повеќе луѓе можат да го дознаат својот ХИВ-статус и да добијат терапија, грижа и поддршка“,
велат од здружението.
Во фокусот на годинешната кампања е еден малку познат факт за ХИВ кај нас: Н = Н, недетектабилно е еднакво на непреносливо.

„Тоа значи дека луѓето кои живеат со ХИВ и редовно примаат терапија, имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта. Односно, дека вирусот во крвта се намалил до степен што не може да се детектира, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита (кондом). Така, самата терапија за ХИВ, всушност, претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ“,
појаснуваат од ХЕРА.
Со цел тестирањето за ХИВ кај нас да биде подостапно и да се охрабрат граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, во рамките на годинешната Европска недела на тестирање за ХИВ, Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам“ на Водно ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, секој работен ден од 16.30 до 20.30 часот и за време на викендот од 11.00 до 15.00 часот. За подетални информации и за закажување, можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.