Судските постапки за осомничени за тероризам се завршени во 14 земји-членки на ЕУ, што резултирало со 290 пресуди и 68 ослободителни пресуди
Во 2023 година имало вкупно 120 терористички напади во седум земји-членки на Европска Унија, од кои девет биле неуспешни, а 13 биле осуетени, покажува „Извештајот за ситуацијата и трендовите поврзани со тероризмот во ЕУ“ (ЕУ ТЕ-САТ) што денеска го објави Европол.
Во Извештајот се посочува дека најголем број терористички напади биле извршени од сепаратистички терористи (70), а потоа следат и нападите кои ги извршиле левичарите и анархистите (32 од кои 23 биле реализирани).
„Во ЕУ во 2023 година извршени се пет џихадистичко-терористички напади во кои загинаа шест луѓе, а 12 се повредени. Во 22 земји-членки на ЕУ уапсени се 426 лица под сомнение за тероризам, а 334 од нив биле поврзани со џихадистички тероризам“,
се посочува во Извештајот.
Судските постапки за осомничени за тероризам се завршени во 14 земји-членки на ЕУ, што резултирало со 290 пресуди и 68 ослободителни пресуди.
„Терористичките и насилните екстремистички актери имаат способност стратешки да ги интегрираат најновите случувања во дигиталната технологија, вклучително и вештачката интелигенција (ВИ), во нивната алатка за ширење пропаганда, регрутирање, планирање напади и избегнување да бидат откриени од страна на органите за спроведување на законот“,
се истакнува во Извештајот.
Се додава дека нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година и израелската воена офанзива врз Појасот Газа доведоа до „засилени општествени тензии и зголемување на антисемитската, како и антимуслиманската реторика“. Безбедноста на ЕУ дополнително е загрозена од израелскиот конфликт со Хезболах во Либан, се истакнува во Извештајот.
Извршната директорка на Европол Кетрин де Бол, предупреди дека терористичките групи имаат за цел да регрутираат млади луѓе и додаде дека посебно загрижува употребата на вештачката интелигенција во ширењето на екстремистички пораки и планирањето напади.
„Само со користење на интелигенција во реално време, поттикнување прекугранична соработка и користење на напредни технологии, можеме да се соочиме со овие предизвици и да ги заштитиме нашите заедници“,
посочи Де Бол.