Во извештајот посветен на пазарот со кокаин, на Европол и на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC), се укажува на нова динамика на пазарот на кокаин, што претставува јасна закана за европската и глобалната безбедност
Трговијата со кокаин во Европа е се пораширена и поконкурентна и се карактеризира со појава на нови криминални мрежи, како што е случајот со Западен Балкан, се вели во извештајот посветен на пазарот со кокаин, на Европол и на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC).
Во него се укажува на нова динамика на пазарот на кокаин, што претставува јасна закана за европската и глобалната безбедност, соопшти Европската полициска агенција.
Се проценува дека фрагментацијата на криминалната средина во некои земји отвори нова можност за европските криминални мрежи – да ги исклучат посредниците и да вршат директна испорака на кокаин.
Понатаму се посочува дека новата конкуренција на пазарот доведе до зголемување на понудата на кокаин, а со тоа и до повеќе насилство.
Како што се истакнува, претходно доминантните монополи во испораките на кокаин на големо на европските пазари, сега се соочуваат со конкуренција од новите мрежи за трговија со дрога.
„Криминалните мрежи од Западен Балкан, на пример, воспоставија директни контакти со производителите и обезбедија видно место во продажбата на кокаин на големо“,
соопшти Европол.
Извештајот ја нагласува важноста на интервенциите во „изворот на кокаин“ и потребата од зајакнување на соработката и размената на информации, со цел поефикасно истражување и откривање на пратките.
Исто така, се посочува важноста на истрагите за перење пари за следење на недозволената добивка и конфискација на криминалниот имот.
„Овие финансиски истраги се суштината на борбата против трговијата со кокаин, бидејќи последицата е криминалот да не се исплати“,
се вели во извештајот.
Шефот на оперативно-аналитичкиот центар во Европол, Хулија Вједма, рече дека трговијата со кокаин е еден од клучните безбедносни стравувања со кои сега се соочува ЕУ.
„Речиси 40 проценти од криминалните групи активни во Европа се вклучени во трговија со дрога, а трговијата со кокаин носи милијарди евра профит“,
рече Вједма.
Клои Карпанти од истражувачкиот сектор при УНДОЦ посочи дека сегашната динамика на диверзификација и ширење на каналите за снабдување со кокаин, криминалните актери и модалитетите најверојатно ќе продолжат ако не се контролираат.