Михаил Ходорковски е еден од најпознатите опоненти и жестоки критичари на рускиот претседател Владимир Путин, кој живее во егзил во Обединетото Кралство, откако претходно одлежа десетгодишна затворска казна во Русија
Без разлика на епилогот на војната во Украина, Европа треба да се подготви за долготрајна конфронтација со Русија, изјави еден од најпознатите противници и најжестоки критичари на рускиот претседател Путин, Михаил Ходорковски, на затворен настан во Брисел, пренесе „Политико“.

Ходорковски вели оти треба да се очекува некаква форма на нова студена војна која би можела да трае најмалку десет години и оти единственото нешто што во овој период би ја спречила Русија од понатамошна агресија кон Европа, се уверувањата на Путин оти Западот претставува реална воена закана.
Ходорковски, кој помина десет години во затвор во Русија, а сега живее во егзил во Лондон, рече и оти санкциите врз Кремљ создаваат одреден економски притисок врз Русија, но оти не се драматични, додека пак за украинските напади со дронови врз руските рафинерии рече оти оваа кампања не може сериозно да ѝ наштети на руската воена машинерија.
„Дури и најмоќниот дрон, па и ракета од типот ‘томахавк’ може да погоди најмногу два хектари. Еден типичен индустриски комплекс во Сибир се простира на околу 1 500 хектари. Штетата што ја предизвикуваат тие напади е споредлива со тоа некој да ти згазне на нога“,
рече Ходорковски.
Единствениот период кога власта на Путин можела да биде разнишана, според него, била во првите две години од почетокот на инвазијата, доколку Русија во тој момент доживеела воен пораз.
„Таа шанса е пропуштена. Кај нас постои традиција нашите диктатори да си заминуваат меѓу 70 и 80 години“,
рече тој.
Минатиот месец руските власти отворија нова кривична постапка против Ходорковски обвинувајќи го дека води терористичка организација и планира насилно преземање на власта со помош на украински паравоени единици. Во соопштението на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) се наведени и 22 други лица поврзани со Рускиот антивоен комитет на Ходорковски – организација составена од руски опозиционери во егзил.
Некои од нив веќе издржувале затворски казни во Русија или биле под истрага поради своите политички активности, но меѓу именуваните има и универзитетски професори и бизнисмени. Новите обвиненија против Ходорковски и неговите соработници доаѓаат само две недели по најавата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за формирање платформа за дијалог со руската демократска опозиција. Ходорковски изјави дека силната реакција на Кремљ покажува колку Путин е вознемирен од самата идеја дека руските демократски сили би можеле да добијат каква било легитимност.
