Претседателката на Европската комисија во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“ вели дека Европа треба да биде силна и одлучна за одржување на мирот и оти Унијата секогаш била и ќе продолжи да биде проект на мир
„Подготвеност 2030 година“ е името на опсежниот план со кој Европската Унија ќе ги разгледува различните димензии на безбедносните и мировните инструменти бидејќи Европа треба да биде силна за да го одржи мирот – рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во интервју за весникот „Кориере дела Сера“.

Говорејќи за пристапот на кој Унијата ќе се фокусира во иднина, таа рече дека континентот секогаш бил и ќе продолжи да биде проект на мирот и оти се предвидува да се разработи план за масовни инвестиции во иновации, развој на иновативни стартапи и истражувања.
„Италија, исто така, ќе има голема корист од овој план бидејќи има една многу реномирана и силна индустриска база во областа на одбраната“,
рече Фон дер Лајен.
Запрашана, пак, дали САД се уште останува доверлив сојузник на Европската Унија, таа одговори дека иако во моментот двете страни имаат различни ставови за одредени прашања како трговијата, сепак остануваат посветени на партнерството и сојузништвото кое трае веќе 75 години.
„САД се наш партнер и сојузник веќе 75 години, и јас сум убедена дека оваа врска ќе остане. Имаме различни ставови за специфични прашања, како што е трговијата, но имаме и заеднички вредности и силни заеднички интереси. Верувам во конструктивен дијалог и тие работат напорно за тоа“,
рече Фон дер Лајен.