Од енергетската компанија ЕВН Македонија велат дека ненадејната смрт на нивниот портпарол Атанас Ковачевски е вистинска загуба и за нивнта компанија, бидејќи со неговиот ангажман остварил огромен придонес.
„Со огромно жалење информираме дека ненадејно почина нашиот драг колега Атанас Ковачевски. Ковачевски беше дел од компанијата од 2009 година и даде огромен придонес во Одделот за комуникации, обликувајќи ги и пренесувајќи ги информациите од компанијата на едноставен и разбирлив начин. Портпаролската позиција во компанијата ја водеше со огромна посветеност и темелност“,
велат од ЕВН Македонија.
Пред да стане дел од нивниот тим за комуникации, Ковачевски беше долгогодишен спикер и новинар во јавниот сервис МТВ и во Канал 5, а беше познат и како радио водител. И во текот на својата новинарска и водителска кариера остави свој, специфичен печат на секогаш ведар, а истовремено високо одговорен професионалец.
„Ковачевски учествуваше во низа проекти чија цел беше приближување на активностите на компанијата до јавноста, подигнување на транспарентноста и едукација на јавноста на целокупниот енергетски сектор. Прераното заминување на Ковачевски е огромна загуба за компанијата, а особено за неговото семејство. Нашиот Атанас ќе ни остане во паметењето како омилен колега, човек со голем дух и огромна професионална посветеност“,
велат од ЕВН Македонија.