Украинската влада веќе разговара со руските претставници за прекршувањето на примирјето, вели заменик-градоначалникот, и преговорите се во тек
Евакуацијата на цивилите од Мариупол е прекината, соопшти градскиот совет на Мариупол поради тоа што руската страна не го почитува привремениот прекин на огнот.
На жителите им е порачано да се вратат во засолништата и да чекаат информации за следните чекори.
Пред неколку минути заменик-градоначалникот на градот Сергеј Орлов изјави за Би-би-си дека Мариупол сè уште се гранатира, а исто така има извештаи дека борбите се во тек на крајот на рутата за евакуација.
„Не е безбедно да се оди по овој пат поради борбите“,
вели тој.
Украинската влада веќе разговара со руските претставници за прекршувањето на примирјето, вели тој, и преговорите се во тек.
Но, руската страна има своја верзија. Тие тврдат дека украинските националисти ги спречуваат цивилите да ги напуштат градовите, објави руската новинска агенција Риа.
Министерството за одбрана соопшти дека руските сили биле под оган откако поставиле хуманитарни коридори за цивилите да го напуштат градот.
Според информацијата што ја објавија локалните власти на Мариупол, евакуацијата треба да се одвива на следниот начин:
Прекинот на огнот ќе трае од 09:00 до 16:00 часот по локално време (07:00-14:00 GMT)
-Евакуацијата на цивилите ќе започне во 11:00 часот по локално време (09:00 GMT)
-Трасата на коридорот е од Мариупол до Запорожје, на запад
-Автобусите ќе тргнуваат од три локации во градот, а по дадената рута ќе може да се движи и приватен превоз
-Градскиот совет бара од возачите целосно да го искористат целиот простор што го имаат во своите возила
-Патувањето подалеку од договорената рута е строго забрането.