Соседните држави Албанија и Бугарија, како и Црна Гора, исто така се наведуваат како земји со високо ниво на загаден воздух

Најпогодена држава од загадувањето на воздухот е Северна Македонија, а по неа следува Србија, објави „Еуроњуз“ повикувајќи се на извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Соседните држави Албанија и Бугарија, како и Црна Гора, исто така се наведуваат како земји со високо ниво на загаден воздух.
Светската здравствена организација (СЗО) ги ажурираше упатствата за квалитетот на воздухот во 2021 година, намалувајќи го препорачаниот праг за годишни концентрации на азот диоксид и мали честички (ПM 2,5), како што се прашина, чад и саѓи од издувните гасови.
Во декември лани, Европската Унија усвои построги правила за квалитетот на воздухот, со цел да ги приближи своите стандарди до препораките на СЗО до 2030 година.
Овие правила ги обврзуваат земјите членки редовно да ги следат ПМ-честичките, јаглеродот и амонијакот што се ослободува во воздухот.
Периодов сите земји членки на ЕУ пријавуваат повисоки нивоа на азот диоксид од оние што ги препорачува СЗО. Според извештаите на Европската агенција за животна средина, изложеноста на ПM 2,5 честичките предизвикало околу 239 000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека уште 48 000 луѓе починале како резултат на изложеност на азот диоксид.