Иако Радев во синоќешниот говор пред нацијата, директно не соопшти дека ќе формира партија и дека ќе учествува на следните предвремени парламентарни избори, сепак, како што известуваат бугарските медиуми, тоа може да се заклучи од неговото синоќешно излагање. Таа партија се очекува да игра значајна улога на политичката сцена, а според некои проценки, дури и да победи на изборите
Појавата на нова политичка партија предводена од сега веќе поранешниот бугарски претседател Румен Радев би можела значително да ги преобликува, не само внатрешните работи во Бугарија, туку и нејзината надворешна политика. Ова се вели во анализата објавена од „Еуроњуз“, откако вчеравечер Радев во обраќање до нацијата соопшти дека денеска официјално ќе поднесе оставка од функцијата шеф на државата, истовремено најавувајќи дека ќе почне со нов политички проект само два месеци пред одржување на предвремените парламентарни избори во земјата.

Иако Радев во синоќешниот говор пред нацијата, директно не соопшти дека ќе формира партија и дека ќе учествува на следните предвремени парламентарни избори, сепак, како што известуваат бугарските медиуми, тоа може да се заклучи од неговото излагање. Таа партија се очекува да игра значајна улога на политичката сцена, а според некои проценки, дури и да победи на изборите.
Радев во говорот рече дека привремената влада веќе не е гарант за фер избори.
„Нашата демократија не може да преживее ако ја оставиме на корумпирани луѓе и екстремисти. Тоа зависи од личната посветеност на секој од нас, а вашата доверба ме обврзува да ја заштитам државноста, институциите и нашата иднина“,
кажа тој.
Радев девет години ја извршуваше претседателската функција во Бугарија. Со неговата оставка, како што пишува „Еуроњуз“, се потврдуваат шпекулациите дека ќе влезе во парламентарната трка и ќе се кандидира за премиерската функција.
Според него, во овие девет години Бугарија го заврши процесот на својата европска интеграција, за што додаде дека напорно работеле и редовните и привремените влади. Посочи и дека Бугарија денес е членка и на Шенген и на Еврозоната.
„Прашањето е зошто постигнувањето на овие цели не донесе стабилност и задоволство. Зошто Бугарите престанаа да гласаат? Зошто не им веруваат на медиумите и не се потпираат на правдата? Зошто граѓаните двапати ги преплавија плоштадите, а во европска Бугарија голем процент од луѓето се чувствуваат сиромашни, а уште поголем дел живеат во несигурност“,
праша тој.
Одговорот на овие прашања, рече дека лежи во злобниот модел на управување, кој има надворешни знаци на демократија, но всушност функционира според механизмите на олигархијата.
„Бугарската политика се одвива надвор од институциите. Во овој модел, дискредитирани политичари, етикетирани како корумпирани на меѓународно ниво, и нивните соучесници, тргуваат со националниот интерес. Во име на својата политичка иднина, некои политичари го ставија на коцка мирниот живот на Бугарите во услови кога во близина на нашите граници се одвива опасна војна. Тие дури и го нарушија граѓанскиот и етничкиот мир, кој ќе го зачуваме и покрај нивните провокации“,
рече Радев.
За време на неговиот мандат како претседател, тој мораше да назначи седум привремени влади поради долгогодишната политичка криза и неможноста на партиите да формираат стабилно мнозинство.
Пред само неколку недели, како што се вели во анализата на „Еуроњуз“, земјата беше потресена од најголемите протести од 1990-тите, првично предизвикани од противењето на нацрт-буџетот, но подоцна ескалираа во барања за оставки, односно за повлекување од политиката на клучни политички личности како што се поранешниот премиер Бојко Борисов и Делјан Пеевски, претседателот на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС).
„Појавата на нова политичка партија предводена од поранешниот претседател Румен Радев би можела значително да ги преобликува не само внатрешните работи на Бугарија, туку и нејзината надворешна политика. Ставот на Радев за војната во Украина остро се разликува од оној на претходните влади. Поради оваа причина, аналитичарите и противниците честопати го нарекуваат дека има проруски ставови“,
пишува во анализата.
Доказ за тоа, е тоа што во својот говор, Радев се осврнува и на ова прашање, наведувајќи:
„Во име на својата политичка иднина, некои политичари го ставија на коцка мирниот живот на Бугарите во услови кога во близина на нашите граници се одвива опасна војна. Тие дури и го нарушија граѓанскиот и етничкиот мир, кој вие и јас, ќе го зачуваме и покрај нивните провокации“,
кажа тој.
Неколку недела пред Бугарија да го усвои еврото (на 1 јануари 2026 година), Радев повика на референдум за усвојување на единствената европска валута, но парламентот го отфрли.
Сега функцијата ќе ја извршува потпретседателката Илијана Јотова, која ќе има задача да именува службена влада на Бугарија и да распише предвремени избори.
Бугарскиот претседател Румен Радев синоќа во обраќање до нацијата соопшти дека денеска официјално ќе поднесе оставка од функцијата шеф на државата.
Тој е петтиот демократски избран претседател на Бугарија. Првпат е избран за претседател во ноември 2016 година, а повторно во ноември 2021 година.
Редовните претседателски избори во Бугарија треба да се одржат кон крајот на годинава, а новоизбраниот шеф на државата треба да положи заклетва во јануари 2027 година.
Бугарија на пролет ја очекуваат осми по ред парламентарни избори од 2021 година наваму.
