Во соопштението, кое високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, го објави на социјалната мрежа Икс се вели дека почитувањето на волјата на венецуелскиот народ останува единствениот начин државата да ја врати демократијата и да ја реши сегашната криза
Европската Унија усвои заедничка изјава за Венецуела, која e поддржана од сите земји-членки, освен од Унгарија.

Во соопштението, кое високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, го објави на социјалната мрежа Икс се вели дека почитувањето на волјата на венецуелскиот народ останува единствениот начин државата да ја врати демократијата и да ја реши сегашната криза.
Се наведува дека принципите на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации мора да се почитуваат во сите околности.
„ЕУ постојано нагласува дека Николас Мадуро нема легитимитет на демократски избран претседател, како и дека се залага за мирна транзиција кон демократија предводена од венецуелски претставници. Правото на венецуелскиот народ да одлучува за својата иднина мора да се почитува“,
пишува во заедничката изјава на 26-те земји-членки на ЕУ.
My statement supported by 26 EU Member States on the aftermath of the U.S. intervention in Venezuela ↓ pic.twitter.com/CsgKXvvjUw
— Kaja Kallas (@kajakallas) January 4, 2026
ЕУ го дели ставот дека останува приоритет борбата против транснационалниот организиран криминал и трговијата со дрога, кои претставуваат значајна закана за безбедноста во светот.
Во исто време, ЕУ потсетува дека овие предизвици мора да се решат преку одржлива соработка и целосно почитување на меѓународното право и принципите на територијален интегритет и суверенитет.
„Во близок контакт сме со Соединетите Американски Држави и регионалните и меѓународните партнери со цел да поддржиме и олесниме дијалог меѓу сите вклучени страни што би довел до договорено, демократско, инклузивно и мирно решение на кризата, кое би го воделе Венецуелците“,
се вели во соопштението.
Во овој момент, според изјавата на земјите-членки на ЕУ, клучно е сите актери целосно да ги почитуваат човековите права и меѓународното хуманитарно право.
„Сите политички затвореници што моментално се притворени во Венецуела мора да бидат безусловно ослободени. Конзуларните мисии на земјите-членки на ЕУ, исто така, тесно соработуваат за да ја заштитат безбедноста на граѓаните на ЕУ, вклучително и оние што се нелегално притворени во Венецуела“,
пишува во изјавата.
Шпанија и пет латиноамерикански земји ја осудија воената операција на Соединетите Американски Држави (САД) за апсење на венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, сметајќи ја за кршење на меѓународното право.
