Европската Унија треба да инвестира 500 милијарди евра во нуклеарни централи од новата генерација до 2050 година, изјави комесарот за внатрешен пазар на Унијата, Тиери Бретон, во интервју објавено викендов.
„Само на постојните нуклеарни централи ќе им требаат 50 милијарди евра инвестиции од сега до 2030 година. А на новите генерации ќе им требаат 500 милијарди“,
изјави Бретон за „Журнал ду диманш“.
Бретон, исто така, вели дека планот на ЕУ да ја означи енергијата од нуклеарни централи и природниот гас како „зелен“ извор е важен чекор кон привлекување капитал.
ЕУ се консултира со земјите членки за овој предлог околу тоа дали овие извори на енергија навистина можат да се квалификуваат како одржливи опции.
Како што пренесуваат светските новински агенции, Франција ја предводи одбраната на нуклеарната енергија, која е нејзиниот главен извор на енергија, и покрај силното противење од Австрија и скептицизмот од Германија, која е во процес на затворање на сите свои нуклеарни централи.
Во предлогот се наведува дека Европската комисија смета дека природниот гас и нуклеарната енергија можат да играат улога во олеснувањето на патот кон иднината, која во голема мера се заснова на обновливи извори на енергија.
Во моментов Унијата добива 26 отсто од својата енергија од нуклеарните централи, но Бретон проценува дека до 2050 година таа ќе се намали на околу 15 отсто.
Во предлогот се наведува и дека за нуклеарната енергија треба да се воведат соодветни мерки за управување и отстранување на радиоактивниот отпад.
Се бара изградбата на нови нуклеарни централи да биде условена со дозволи издадени до 2045 година, додека работата за проширување на постојните електрани треба да биде одобрена до 2040 година.