Претседателката на Европската комисија и шефот на дипломатијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и Јосеп Борел, го осудуваат труењето на рускиот опозиционер, Алексеј Навални.
Како што пренесе МИА, тие со ваква реакција излегоа откако германските доктори потврдија дека тој е отруен со нервен агенс „Новичок“.
По токсиколошката анализа направена во Германија каде Навални беше итно префрлен на лекување од Русија, Европската Унија застанува зад германските наоди.
„Анализата докажува дека господинот Навални бил отруен со воен хемиски нервен агенс од групата ‘Новичок’, развиен од страна на Советскиот сојуз, а потоа Русија. Употребата на хемиско оружје е неприфатлива под било кои околности и претставува нарушување на меѓународното право“,
порача дипломатската служба на ЕУ.
ЕУ сега бара од Русија темелна и транспарентна истрага за “обидот за убиство врз господинот Навални“ и предупредува дека овој случај не смее да остане нерасветлен.
„Одговорните мора да се соочат со правдата“,
бара Борел.