„Контрамерките што ги преземаме денес се силни, но пропорционални. Бидејќи САД применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контрамерки во вредност од 26 милијарди евра. Тоа одговара на економскиот опсег на американските царини“, вели претседателката на Европската комисија

Европската Унија објави дека воведува контрацарини на американски стоки во вредност од 26 милијарди евра, како одговор на царините на САД за челик и алуминиум. Контрамерките, како што се вели во соопштението од Европската комисија, ќе стапат во сила следниот месец.
„На 12 март САД воведоа царини до 25 отсто за увоз на челик, алуминиум и одредени производи што содржат челик и алуминиум од Европската унија и други трговски партнери. Како одговор, Комисијата започнува серија контрамерки за заштита на европските бизниси, работници и потрошувачи од влијанието на овие неоправдани трговски ограничувања“,
се додава во соопштението.
Комисијата, како што наведуваат, од 1 април ќе ги активира постоечките контрамерки против САД кои беа суспендирани во 2018 и 2020 година. Како одговор на новите американски царини кои влијаат на повеќе од 18 милијарди евра од извозот на ЕУ, Комисијата објави и пакет нови контрамерки за американскиот извоз, кои ќе стапат на сила во средината на април, по консултациите со земјите-членки и засегнатите страни.
„Првиот чекор во овој процес е започнување на двонеделни консултации со засегнатите страни на ЕУ. Овие консултации ќе осигурат дека ќе бидат избрани вистинските производи за вклучување во новите контрамерки, обезбедувајќи ефективен и пропорционален одговор што ќе го сведе нарушувањето на бизнисите и потрошувачите во ЕУ на минимум“,
велат од ЕК.
Вкупно, контрамерките што би можеле да се применат за американскиот извоз на стоки достигнуваат вредност од 26 милијарди, што одговара на економскиот опсег на американските царини.
„Контрамерките што ги преземаме денес се силни, но пропорционални. Бидејќи САД применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контрамерки во вредност од 26 милијарди евра. Тоа одговара на економскиот опсег на американските царини“,
рече претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, укажувајќи дека ЕУ останува отворена за преговори.
Фон дер Лајен додава дека Европската комисија цврсто верува оти во свет полн со геоекономски и политички несигурности, не е во заеднички интерес да се оптоваруваат економиите со такви тарифи.
Предложените целни производи вклучуваат индустриски и земјоделски производи, како што се челик и алуминиум, текстил, апарати за домаќинство, пластика, живина, говедско месо, јајца, млечни производи, шеќер и зеленчук.
Инаку, од денеска стапуваат во сила царините од 25 отсто што американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе за увоз на челик и алуминиум во Соединетите Американски Држави.
Трамп се надева дека воведените царини ќе го зголемат производството на челик и алуминиум во САД, но според експертите, тоа ќе ги зголеми цените за американските потрошувачи и ќе го наруши економскиот раст.