По позитивното гласање на Европскиот парламент и со поддршка на кипарското претседателство со Советот на ЕУ, Европската комисија има за цел да го заврши законодавниот процес следната недела, рече Домбровскис
Европската комисија планира следната недела да ги финализира правните процедури за заемот за Киев од 90 милијарди евра, изјави во Брисел европскиот комесар за економија Валдис Домбровскис, пренесе денеска парискиот весник „Монд“ (Le Monde) на својата веб-страница.

По позитивното гласање на Европскиот парламент и со поддршка на кипарското претседателство со Советот на ЕУ, Европската комисија има за цел да го заврши законодавниот процес следната недела, рече Домбровскис.
„Истовремено, соработуваме со украинските власти за да овозможиме брза исплата откако ќе заврши законодавниот процес и подготвуваме финансиска стратегија и услови за тоа финансирање“,
додаде европскиот комесар.
Европските пратеници на пленарната седница во Стразбур на 11 февруари го одобрија заемот за Украина од 90 милијарди евра за периодот 2026-2027 година.
Според предложената рамка, финансирањето ќе биде достапно за Украина преку два главни канали.
Од вкупниот износ, 30 милијарди евра ќе бидат обезбедени како макроекономска поддршка, или преку макрофинансиска помош или преку Инструментот за Украина, наменски инструмент на ЕУ дизајниран да обезбеди стабилна и предвидлива финансиска поддршка за Киев.
Останатите 60 милијарди евра ќе бидат искористени за зајакнување на капацитетите на украинската одбранбена индустрија и поддршка на набавката на воена опрема, давајќи ѝ на Украина навремен пристап до одбранбени производи од домашните и индустриите на ЕУ.
