Иако многумина во Брисел се надеваат на нова ера во односите со Будимпешта ако Тиса победи, сепак, постои и претпазливост. Вера Јурова, поранешна заменик-шефица на Европската комисија, за Ројтерс изјави дека победата на опозицијата ќе ја врати шансата за единство по фундаменталните безбедносни прашања во блокот од 27 члена. Но, Маѓар, кого Брисел го памети како тежок преговарач кога беше унгарски дипломат, сè уште ќе биде меѓу најскептичните гласови за миграцијата и шансите на Украина да се приклучи кон Европската Унија, велат официјалните лица
Унгарскиот премиер Виктор Орбан нема да им недостига на повеќето европски лидери ако ги изгуби изборите на 12 април откако ги блокираше клучните политики како што е виталната поддршка за Украина, но не се очекува неговиот ривал целосно да го промени пристапот на Будимпешта кон Европа ако победи.

Повеќето анкети на јавното мислење сугерираат дека националистичката партија Фидес на Орбан, која е на власт од 2010 година, би можела да изгуби од централнодесничарската партија Тиса на Петер Маѓар.
Орбан, кој одржува пријателски врски со рускиот претседател Владимир Путин и е близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, честопати знаеше да ги налути партнерите од ЕУ и неодамна блокираше заем од 90 милијарди евра за Украина.
„Ова беше последната капка што ја прелеа чашата. Од наша страна, надежта дека ќе го вразумиме Орбан е исчезната“,
рече еден дипломат од ЕУ.
Доколку Орбан ја изгуби власта, дипломатите од неколку влади на ЕУ се надеваат дека ќе ја прекинат блокадата на политиките на Унгарија, почнувајќи од заеми за Украина, па сè до санкции против Русија и насилни израелски доселеници.
Доколку Орбан победи и продолжи да го користи своето вето, некои функционери очекуваат притисок за маргинализирање на Унгарија.
„Се чини дека ‘повеќе од истото’ не е опција за повеќето земји од ЕУ. Доколку Орбан остане, ќе мора да го промениме начинот на кој работиме“,
изјави за Ројтерс поранешниот латвиски премиер Крисјанис Каринс, кој со години седеше со Орбан на самитите на ЕУ.
Портпаролот на унгарската влада не одговори на барањето за коментар од Ројтерс.
Ројтерс разговараше со повеќе од десетина сегашни и поранешни функционери запознаени со европско-унгарските односи за импликациите од изборите следниот месец за Европската Унија. Зборувајќи под услов на анонимност за да разговараат за внатрешната политика во земјата членка, многумина отворено го изразија своето незадоволство од Орбан.
„Мислам дека сите се надеваат дека Орбан ќе изгуби“,
рече друг дипломат од ЕУ.
Европските претставници долго време се загрижени за ерозијата на демократските норми во Унгарија бидејќи Орбан ја консолидира извршната власт, ги ограничи медиумските слободи и активностите на невладините организации и водеше кампања за дискредитација на Европската Унија и нејзините политики.
Орбан ги негира обвинувањата за распад на демократијата, претставувајќи се себеси како бранител на традиционалните христијански вредности на Европа против отуѓената либерална елита.
Но, блиските врски на владата на Орбан со Кремљ, дури и по руската инвазија на Украина во 2012 година, го продлабочија јазот меѓу Будимпешта и многу западни престолнини.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц минатата недела изјави дека ветото на Орбан за заем за Украина е чин на „груба нелојалност“ што ја оштетил репутацијата и способноста на ЕУ да дејствува.
Иако многумина во Брисел се надеваат на нова ера во односите со Будимпешта ако Тиса победи, постои и претпазливост. Вера Јурова, поранешна заменик-шефица на Европската комисија, за Ројтерс изјави дека победата на опозицијата ќе ја врати шансата за единство по фундаменталните безбедносни прашања во блокот од 27 члена.
Но, Маѓар, кого Брисел го памети како тежок преговарач кога беше унгарски дипломат, сè уште ќе биде меѓу најскептичните гласови за миграцијата и шансите на Украина да се приклучи кон Европската Унија, велат официјалните лица.
„Имам многу малку илузии за погледот на светот на Маѓар. Треба да бидеме внимателни да не очекуваме премногу. Разликата ќе биде повеќе во тонот отколку во суштината“,
рече трет дипломат од ЕУ.

„Маѓар е од истото политичко семејство (како Орбан), никој не очекува револуција“,
рече четвртиот дипломат.
Маѓар изјави дека сака цврсто да ја закотви Унгарија во ЕУ и НАТО и е особено заинтересиран за ослободување на поголемиот дел од околу 17 милијарди евра средства од ЕУ наменети за Унгарија. Средствата се замрзнати од Брисел бидејќи Орбан одбива да ги почитува стандардите за владеење на правото.
„Не очекувам промена од 180 степени (од влада предводена од Маѓар) во односите со ЕУ, но можеме да очекуваме поконструктивен однос со Брисел“,
рече Ричард Демени, аналитичар во тинк-тенкот „Политички капитал“ со седиште во Будимпешта.
Советник на Маѓар, зборувајќи под услов на анонимност, рече дека е вистина дека неговата влада нема да биде многу различна од администрацијата на Орбан во врска со миграцијата и проширувањето на ЕУ.
„Но, разликата е во тоа што Орбан го искористи тоа за да ја уценува (Европската Унија) и да ги претставува руските интереси. Ние ќе ги претставуваме унгарските интереси“,
додаде советникот.
