Нацртот на новата директива, според пишувањата на „Билд“, се очекува да биде одобрен од комесарот на Европската комисија до средината на јули

Европската комисија ги повикува земјите членки драстично да ги зголемат даноците на тутун, што ќе се одрази на зголемување на цените на цигарите.
Целта на оваа мерка е намалување на бројот на случаи на рак и ублажување на товарот врз националните здравствени системи.
Според извештај на германскиот весник „Билд“, кои имале увид во документ на Комисијата од 196 страници, Европската комисија бара „супресија на потрошувачката на тутун, меѓу другите даночни мерки за намалување на побарувачката“. Документот истакнува дека повисоките даноци ќе испратат „ценовен сигнал дека пушењето е навистина штетно и дека треба да се сузбие со сите средства“.
Европската комисија смета дека зголемувањето на даноците и цените на тутунските производи е најефикасната поединечна мерка која може да ја намали потрошувачката и да ги охрабри граѓаните да престанат да пушат или барем да пушат помалку.
Комисијата предлага во иднина износот на даноците да се приспособува според нивото на економски развој на секоја земја членка, врз основа на посебен индекс. Според проценките на Европската Унија на даночни обврзници, ова би значело зголемување на данокот на тутун за Германија за приближно 20 проценти.
Новата директива се очекува да се однесува не само на класичните цигари, туку и на новите тутунски производи, како што се оние без чад. Целта е да се намали привлечноста на никотинската потрошувачка во сите нејзини форми.
Исклучок од оваа мерка би биле производите за замена на никотин, како што се никотинската гума за џвакање, кои се користат како помагала за откажување од пушењето.
Нацртот на новата директива, според пишувањата на „Билд“, се очекува да биде одобрен од комесарот на Европската комисија до средината на јули.