Ставот на Брисел, што го изнесе високата претставничка на ЕУ за безбедносна и надворешна политика, е дека каков било договор меѓу Вашингтон и Москва, а кој се однесува на Украина, мора да ги вклучи Киев и Европската унија
Каја Калас најави дека утре ќе свика состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ за, како што рече, да се разговара за идните настани.

„САД имаат моќ да ја принудат Русија сериозно да преговара. Секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ, зашто станува збор за прашање на безбедност за Украина и цела Европа“,
изјави Калас.
Според неа сите привремено окупирани територии и припаѓаат на Украина и потенцијалниот договор не смее да обезбеди појдовна точка за натамошна руска агресија против Украина, НАТО и Европа.
Американскиот претседател Доналд Трамп планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин идниот петок на Алјаска.