Портпаролот на Европската комисија за проширување и меѓународно партнерство, Гијом Мерсие, вели дека Унијата била целосно јасна со своите партнери, вклучително и со земјите кандидатки како Србија, за односите со официјална Москва
По најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека ќе присуствува на одбележувањето на Денот на победата во Москва на 9 мај, реагираше Европската Унија повикувајќи го да ја увери во својот стратегиски правец.

Портпаролот на Европската комисија за проширување и меѓународно партнерство, Гијом Мерсие, во писмениот одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ) наведува дека Унијата била целосно јасна со своите партнери, вклучително и со земјите кандидатки како Србија, за односите со официјална Москва.
„Односите со Русија не можат да се одвиваат по принципот ‘бизнис како и обично’ со режимот на Владимир Путин, особено во eкот на неиспровоцираната и неоправдана агресија врз Украина“,
додава портпаролот на ЕК за проширување и меѓународно партнерство.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека не го променил ставот и покрај притисоците и дека ќе оди во Москва по повод 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна. Рече дека најверојатно ќе оди сам, примајќи ги сите удари поради ваквиот негов потег.