Белгија вели дека ова лето се зголемиле барањата за азил од Северна Македонија, меѓутоа надлежните велат дека ќе почекаат да видат дали станува збор за изолирани случаи

„ЕУ опсервер“ утрово објавува ексклузивен интерен документ на земјите членки во ЕУ, во кој се истакнува дека слободниот визен режим со земјите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија и Украина повторно се доведува во прашање, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Ова доаѓа повторно додека претседателката на Европската комисија го посетува регионот, како и брифингот на високи дипломатски извори за Ројтерс дека некои земји членки бараат да се стави крај на проширувањето на ЕУ.
Според документот во кој „ЕУ опсервер“ имал увид, Германија, Франција и Италија се гневни за „злоупотребата“ на безвизниот режим од страна на граѓани на земјите од Западен Балкан, како и на трите земји од Источното партнерство, кои бараат исто така формално членство во ЕУ.
Пред неколку дена Франција најави заострување на визниот режим за земјите од Магреб.
Франција вели дека има посебно проблем со барања за азил од Албанија, Србија и Грузија, додека Германија се жали на барања од Албанија и другите три земји од Источното партнерство.
Белгија вели дека ова лето се зголемиле барањата за азил од Северна Македонија, меѓутоа надлежните велат дека ќе почекаат да видат дали станува збор за изолирани случаи.
„Нерегуларните“ барања за азил од Грузија се зголемени за повеќе од 50 отсто.
За да се активира механизмот за суспензија на слободниот визен режим, потребно е зголемување од 50 отсто.
Безвизниот режим прв беше воведен за Северна Македонија, Србија и Црна Гора. На граѓаните на овие земји од декември 2009 година им беше дозволено да патуваат без визи во ЕУ до 90 дена. Една година подоцна, безвизен режим добија и Албанија и Босна и Херцеговина, додека Молдавија во 2014, а Грузија и Украина во 2017 година.